Роботите сѐ повеќе на припомош

Потребно време за читање: 3 минути

Светот на роботите „живее“ мошне активно во развиениот свет, особено во Јапонија (најроботизирана земја: робот-„куќна помошничка“ кој не ви „дозволува“ ни лажица да земете в раце, камо ли да готвите, или, пак, правосмукалка.

Кога книгите би се преснимувале како некогаш, рачно и со бели ракавици на рацете, тоа би траело многу подолго. Сврти ја страницата, пресними, повторно сврти ја другата, сними и така до изнемоштеност. Роботот дава клучен придонес за дигиталната ревоуција листајќи и скенирајќи повеќе од 1.100 страници на час.

„Наша цел е повеќе од 8 милиони наслови, колку што ги имаме, со дигитализирање да им ги направиме што попристапни на корисниците”, изјави Мајкл Келер од Универзитетот Станфорд.

Националните библиотеки во побогатите земји ширум светот настојуваат сѐ повеќе своето културно наследство да го дигитализираат и да го направат достапно со објавување на Интернет.

„Интернет ни овозможува дигитализираните книги да бидат пристапни во целиот свет”, истакнува Келер.

Користејќи го пребарувањето или веб страницата на Станфорд, секој корисник едноставно може за себеси да дигитализира материјал од Станфордовата библиотека и други колекции.

Дигитализацијата е во постојан подем и е мошне популарна активност оти овозможува она што досега било на полиците, во фиоките или во некое складиште во библиотека да биде на Интернет.

Во 50-тите и 60-тите години на минатиот век сите беа убедени дека на почетокот од 21. век во секоја куќа ќе се наоѓа по еден робот. Тоа не беше само тема на научно-фантастични романи и филмови, туку и содржина на сосема сериозни научни предвидувања. Бидејќи тоа сепак не се случи, роботите во популарната култура станаа негативци во цела низа на филмови, од Терминатор до Матрикс, обидувајќи се на луѓето да им го преземат светот.

Во меѓувреме, роботите мирно молчеа и си ја работеа својата работа. Ги имаше сѐ повеќе, но не се помрднуваа од своите места, од производствените хали; одвај некој ќе заскиташе онаму каде што сами не се осмелувавме да одиме: во мински полиња, кратер на вулкан или во длабочините на океанот.

Се покажа дека производството на роботи кои би ни правеле друштво во нашите домови сепак е преамбициозна задача. Имено, не е проблем да се направи робот кој ќе врши неколку задачи за кои е програмиран, но имитирањето на човекот, на начинот на кој тој се движи, го гледа светот околу себе и реагира на настани, е задача која не е така лесно да се исполни.

Ако не е во состојба да направи нов човек, денешната наука сепак може да креира куче или мачка. Најпопуларен робот на денешнината е Аибо на Сони, моделиран какo куче. И други популарни роботи имитираат појави и однесувања на кучиња и мачиња, а димензиите и интелигенцијата им се споредливи со помали домашни миленици. Најновиот робот на Сони, Крио, додуша изгледа како хуманоид, но е сепак се уште мал, а врв на моторичките способности му е да искачи по неколку скалила и да танцува.

Па сепак, инвазијата на роботи е сѐ уште во план. Службената научна проценка гласи: до крајот на 2040-та година секоја куќа (барем во развиениот свет) ќе има робот кој наместо домаќините ќе ги врши најголемиот број на заморни домашни работи. Плановите за роботизација на нашите домови најдалеку отидоа во Јапонија, чија Влада веќе со години издвојува поголеми средства за таквите предвидувања да станат стварност и пред рокот. Освен директните инвестиции и истражувањата на роботиката, јапонската Влада мошне богато ги наградува проектите кои веќе денес им го олеснуваат животот на луѓето. Најпопуларни се проектите на роботи кои им поомагаат на постарите лица. Имено Јапонија е едно од најстарите општества на светот во кое пензинерите се голем дел од популацијата.

Постарите луѓе таму не одат во домови за пензионери, туку остануваат во куќите, но често некој мора да се грижи за нив додека децата им работат, а внуците им се на училиште.

Теди и Нуво се имиња на најпопуларните роботи кои на постарите лица им готват храна, ги потсетуваат да земат лекови, но и разговараат со нив, а во случај да им се слоши можат да повикаат помош.

Во шинтоистичката религија, секој објект има „душа“, па макар тоа да биде склопен од метал и пластика, со ЛЕД диоди наместо очи. Поради тоа во јапонското општество, традиционално отворено спрема новитети, никој не чувствува одбивност спрема нечовечко друштво.

Иако роботите изгледаат опасно, нивните творци истакнуваат дека тие се човекољупци.

Направен е робот посебно дизајниран за да врши домашни работи и да им помага на луѓето. Неговите специјалности се миење на садови и сервирање на чај. Работи во пар со уште еден, а се наречени HRP-2 No7 i No8 и ги послужуваат своите сопственици едниот како бармен, а другиот како келнер.

Истражувачите од институтот во Токио, кои ги направиле роботите, велат дека со текот на времето ќе им додаваат и нови функции, како што се редење на садови од масата и носење и редење на чисти алишта.

Цената за изработка на ваков робот е околу 400.000 долари, но научниците се надеваат дека во следните 10 годините цените ќе се намалат, за секој ваков робот да им биде достапен на сите оние на кои им е потребна помош во одржувањето на домаќинството.

Leave the first comment