Рибари

Потребно време за читање: < 1 минута

Се собрале најдобрите рибари во државата и општството решени да ги испофаќаат сите рибиво најголемата матна река, од прва до последна. Со план потоа да ги испофаќаат и сите риби во нејзините притоки. Решени се зашто рибите се намножиле толку многу, што веќе станало јасно дека со нив нема никаква шанса реката и притоките да се избистрат ни до ниедно време. Решиле исто така да ги испофаќаат со она со што научиле да рибарат најуспешно и што им е при рака; од рибарски стапови со една и повеќе јадици, со секакви мамци, до мрежи и секаква риболовна опрема.

Риболовиле со денови и ноќи, со недели и месеци. За големо чудо и запрепастеност, дури очај, рибарите фаќале многу малку ситни риби, а ниедна крупна. Се обиделе со нивно враќање во матната река, да пораснат и окрупнат, така што да нема ниедна ситна, но ништо. Крупните риби, старите и новите окрупнети, како да научиле како да не бидат фатени ни со стапови со јадици и мамци ни со мрежи.

Им се нажалило едно големо дете, па решило да им помогне со совет кој му го дал еден искусен рибар баш во ловење крупни риби во матна река: првин да ги исушат притоките од нивните изворишта до вливот во големата река и да ги испофаќаат сите риби, потоа да ја исушат и големата и да ги испофаќаат сите риби во неа, а најсетне истовремено сите да ги наполнат со бистра вода.

Рибарите прифатиле. За големо чудо и радост на сите, наскоро се прочуле во државата, општеството и во сиот рибарски и рибен свет како успешни фаќачи на риби навикнати да пливаат и да живеат комотно ем спокојно само во матни реки и нивни притоки.

Се прикажува дека уште имаат полни раце работа.      

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 56