Еве уште еден миг во кој сум сосем сам. Тоа значи никој со мене од дамнешното и поблиското минато, а никој и од денес. Не знам дали е случајно или не, но признавам дека ми годи. Најмногу затоа што во него можам да се посветам на мојата најголема страст-зборовите. Признавам дека тие ми се најголема страст, особено кога ми дозволуваат да си играм со нив. Се разбира, не некоја бесцелна или самоцелна игра, не игра сама по себе, за игра, туку игра со нив како игра и што игра, Да, зборувам за креативната игра, како секоја друга која на човечкиот дух му овозможува да создаде дело кое само првично може да биде на пример алогично, но веќе во некоја негова следна состојба лесно добива можеби сосем нова логична димензија, можеби и сосем неочекувано значење.
Во овој мој миг на самост некако најрасположен сум да пронајдам зборови кои имаат затврдено значење, а на кои во исто време можам да им додадам или дадам нови, свои. Да доречам: со нивно поврзување во изрази или контексти да им дадам и буквално нов живот. За да ги искористам во некое ново време или во некој нов процес:
-грабадина, грабадинање: трча, трчање на рамно или при искачување на планина, пред сè на нејзин врв; треба да се користи и за трчање на коњ во галоп, брзо и со скокови; значи слободен, нескротен, може и нескротлив; да се има предвид и зборот граба со значење брзо одење, но и со се граба-се бори за нешто, притоа користи сила;
-апогеј: не најоддалечена точка меѓу Земјата и Месечината или меѓу Земјата у Сонцето, туку кулминација, крајност, највисок степен, најголем успех; во игра крај на една по која не почнува друга, скоро ќе почне одново иста или некогаш тој крај ќе биде почеток на сосем друга;
-пикаса: забележува или почувствува; едното или другото, а може и едното со другото, во другото, пред другото или по другото;
-едност: единственост или споеност во едно; сè во едно што да нема друго и што да не може да се повтори; слично што и јадро, јадровитост; слично што и ништо ниту пред, ниту зад; поврзано и со сублимат, сублимен-кога се сака нешто да се издели како совршено, возвишено;
-увили (увилен, увилно, увиленост: се растажи, се нажали (растажен, тажен, нажален); видливо и надворешно и внатрешно растажен, нажален; треба да се користи и за самотност во болка;
-молкома (исто што и молчешкум, исто што и молкум): тивко, со молчење меѓу или без зборување; дејствување или создавање без зборови; се изедначува со тишина.
Овојпат изборов не е случаен. Тој е веќе дел од моја штотуку започната игра од која мора да произлезе ново сонување во будност.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 27