Општопознато за рецензијата:
Таа е критичка оценка на вредноста на научно или уметничко дело. Се дава во писмена форма пред неговото објавување, како препорака, а често се објавува како вовед во самото дело.
Суштествено за рецензијата е критички став спрема едно дело кој не претендира да ги прикаже сите негови специфики. Се смета за вид стручно дело кое проникнува во длабочината, а на непосреден и посреден начин ја зголемува вредноста на рецензираното дело.
Забелешките и коментарите го збогатуваат авторовото знаење. Притоа, неизбежна е субјективноста, но таа не треба да биде пресудна за оценка на вредноста на едно дело. За разлика од критичарот, рецензентот има поголема вештина на критичка проценка, која, пак, се темели на знаења за објективно оценување, почитувајќи ги правилата и законитостите за оценување.
Што е добра рецензија?
Таа е најпрвин резултат на лична одговорност за реално и објективно оценување на едно дело. Тоа претпоставува познавање на соодветната литература и способност за негова примена. Важно е да се предупреди дека таа не смее да содржи делови од делото кои откриваат важни, пресвртни моменти. Може само да се навестат очекувањата. Нејзина главна цел е да го заинтересира читателот, но истовремено посочувајќи на неговите недостатоци.
Постојат неколку фази на рецензирање на едно дело:
-внимателно и промислено читање;
-разбирање, односно надминување на сите нејаснотии;
-потенцирање на важноста и релевантноста;
-потенцирање на најважните одлики, постапките, резултатите и заклучоците;
-критичка проценка;
-истакнување на вредностите на делото.
Денес рецензијата е повеќе препорака за читање, откога делото ќе се објави, одошто препорака за негово објавување.
Познавачи на рецензијата истакнуваат некои основни елементи на добра односно квалитетна рецензија:
-искреност;
-истражување, разработка и изнесување на првични впечатоци;
-одбегнување на разговор за вкусовите;
-оградување од изведување генерална оценка;
-аргументирано изнесување став;
-никако целосно „откривање“ на делото;
-посветување посебно внимание на ликовите, на нивните карактери;
-како текст да не биде ни предолга ни прекратка;
-да биде креативна, поттикнувачка, овозможувајќи проникнување во делото од страна на читателот.
Од сето изнесено како општости за рецензијата, само по себе најмногу се наметнува субјективноста на рецензентот. Таа неретко е во спротивност со знаењето односно стручноста, а се „оправдува“ со првичен впечаток или личен вкус. Може да содржи и доза на предрасуда, однапред заземен став и тенденциозност.
Упатувам на надмоќноста на вештачката интелигенција како рецензент. Токму како „имуна“ на недоследностите и ограничувањата на „живиот“ рецензент.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 110
