Различностите

Тивки клокоти

Тие привлекуваат, сплотуваат, обединуваат, богатат. Неминовно се испреплетуваат. Се разбира, само доколку се еднакви, рамноправни, во не мала мера рамносилни. И меѓусебно се уважуваат.

Различностите во културата, традициите и творечката духовност пред сите други. Како неизмерно, ненадминливо богатство на човекот и опстанокот на човечката цивилизација.

Обединување за еднаквост на различностите? Не, туку за различности во еднаквоста. Таа во сета своја комплексност и суштествена нужност. Спротивно, ништо од обединувањето. Или тоа привремено, краткотрајно, заблудувачко. Може и наметливо, зависно, дури хегемонистичко, дури окупаторско. Ако не на почетокот, тогаш многу скоро ништо од самостојноста, самобитноста, рамноправноста и рамносилноста.

Човекот во човек најмногу и незапирливо расте, се развива постојано докажувајќи ја суштината на своето постоење благодарение на своите различности, заедно со различностите на човекот во луѓето со него и околу него.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 124

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.