Разбој

Потребно време за читање: 3 минути

Ткаењето со разбој било познато во далечното човеково минато. Имено, податоците кажуваат дека во западна Азија и во Египет тоа било познато уште 3.000 години пр.н.е. На Блискиот Исток веќе 2.300 години е вообичаена употребата на тн. положен разбој со јаток прикачен за тлото.

Ткаењето е процес на вкрстување на два система на предива, основа и јаток. Основата е збир на паралелно поставени предива кои се движат по должината на ткаенината. Јатокот е предиво кое минува под и над основните предива и се движи по ширината на ткаенината. Справата со помош на која се врши овој процес се вика разбој.

Разбојот се смета за една од најважните справи на сите времиња. Го има во повеќе видови, а се разликуваат според конструкцијата (на маса и поден), според техниката на работа (контрабаланс и контрамарш) и според сложеноста на ткаењето кое се реализира на него (со две, со четири и со повеќе нишки).

Главни делови на разбојот се: два лоста, вратило на основата, регулатор на густината на потката (позитивен и негативен), превртувач околу кој основата се превртува од вертикална на приближно хорисонтална положба, уреди за создавање на вез или дезен, ткајачко брдо, детектор за основа и потка, повлекувач за повлекување на ткаенината, намотувач (валјак) и т.н.

Разбојот на маса дава исти резултати како подниот, но е ограничен со широчината, должината на основата која може да се постави на него, затегнатоста на основата, а работата на него е значително побавна. Затоа се користи за изработка на потесни и пократки ткаенини, шалови, торби и слично, како и за изработка на примероци при истражувања.

Подниот разбој бара користење и на рацете и на нозете при ткаењето. Со нозете (преку подножник и ламела) се поместуваат нишките и се прави зев. Со рацете се манипулира со брдило и брдо и се провлекува совалката со јатокот низ основата. Подниот разбој е поширок од оној на маса, може да се постави доволно долга основа, стабилен е, па на него може да се реализира квалитетна ткаенина.

Контрабаланс разбојот работи така што нишките се движат спротивно една во однос на друга при создавање на зев. Овој разбој е познат според големата едноставност на работа и можностите за изведување на разни преплети, но може да биде изведен само со две или четири нишки.

Контрамарш разбојот работи така што нишките се поместуваат независно една од друга. Вака се постигнува поедноставен, поголем поцврст зев. Контрамарш разбојот е современ деловен европски разбој.

На разбојот со две нишки може да се ткае преплет платно и многу варијации на платно постигнати во текстурата, со вплеткување на основата, подигање на основата на штица и сл. На ваквиот разбој можат да се ткаат таписерии (кои инаку се ткаат на посебен вид вертикални разбои).

Со разбојот со четири нишки се проширува можноста на изработка на преплети, почнувајќи од кеперот.

Ткаењето е сложена работа. Пред тоа волната поминува низ неколку фази. Се почнува со предење на вретено, потоа испредената волна се бојадисува, па се врши мотање на волната во клопчиња, па на стапчиња. Пред ткаењето материјалот се влече 30 и повеќе метри. Волната се намотува на вратило. Од едниот крај се навлекува на нишките и брдото, а другиот крај влегува во второто вратило. Дури потоа ткаењето може да почне.

Во „Романса на француското ткаење“ Родиер вели: „Низ сите времиња патот на ткаењето е пат на вистинска цивилизација…и таму кај што разбојот се задржал, ноќта на варварството исчезнала“.

Големиот Гете: „Ткаењето е највеличествена уметност, која вистински ги издвојува луѓето од животните“.

Рабиндранат Тагоре за рачниот: „Во производите на рачниот разбој нашла свој израз магијата на живите чувствителни човечки прсти, а неговото пријатне чукање е во хармонија со музиката на животот. Меѓутоа, ткаечката машина е безживотна, студено точна и монотона во работата“.

Славејќи го едноставниот живот, Махатма Ганди го воздигна разбојот како негов симбол. Им вети на Индијците дека ќе воведе индустрија во селата преку ткаење на штофови, како и дека ќе започне војна против англиската текстилна индустрија. Одвреме-навреме, на почетокот на своите јавни излагањаседнуваше со својот разбој за да привлече што поголем број на свои приврзаници.

Карактеристично е дека денес текстилната индустрија често бара креативни ткајачи да креираат на рачен разбој, што таа потоа ги репродуцира на фабрички ткајачки машини.

Разбојот е присутен во македонската народна и уметничка поезија. Една од нив е народната „Марие, дилбер бела Марие“:

Марие, дилбер бела Марие,
Марие, дилбер бела Марије,
што кротко ткаеш ле, ем плачеш,
што кротко ткаеш ле, ем плачеш?

Дал’ ти е разбојот расипан,
дал’ ти е разбојот расипан,
ил’ ти се нишките скинати,
ил’ ти е брдото скршено?

Нит’ ми е разбојот расипан,
нит’ ми е разбојот расипан,
нит’ ми се нишките скинати,
нит’ ми се нишките скинати.

Нит’ ми се нишките скинати,
нит’ ми се нишките скинати,
нит’ ми е брдото скршено,
тук’ ми е либето далеку.

Leave the first comment