-Спиеш?
-Не. Во прв сон сум.
-Значи, само што не си заспал. Обично, првиот сон е полусон. Несон, а сон.
-Во првиот сон човек е пред спиење. Ту во сон, ту во будност…Што сонувам? Не знам. Мислам дека е што сакам и со кого сакам.
-Така е тоа. Сониш, замислуваш, па си буден, мислиш…Јас сакам во прв сон да бидам со тебе и да нема никој друг со нас.
-Каде?
-Каде било. Може на крајот од некоја стварност. Сеедно е.
-Зошто со мене и да нема друг со нас? Јас сум ти доволен?
-Да. Откога сме заедно.
-Мислам дека овој прв сон нема врска со љубовта. Има и смисла и бесмисла. Нешто како глуво доба на ноќва без никаков знак на живот.
-Нешто се случува во него?
-Не знам што се случува. Нешто како да не сака да знам.
-Колку соништа очекуваш по него?
-Се надевам дека ќе биде прв во сите други по него. Зошто? Едноставно, затоа што во него далеку, а сепак близу си ти.
-Да не сум близу, а сепак далеку?
-Не си. Всушност посакувам. Всушност, овој прв сон се разликува од сите други први по тоа што не е од љубов и за љубов.
-А за што е?!
-Не сум сигурен. Мислам дека е за будност.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 1