Може ли да се мерат и измерат мисли за сенешто или како одеци на думи и опити, па во еден исказ да се изделат некои што би можеле да се наредат над сите други сосе нивни траги? Значи за долго паметење? Притоа, изделените да ги назначуваат како појадровити, потемелни, поопфатни, дури поубави?
Еден човек-мислител и творец, никому знаен, а именуван и од младо и од старо како Теодор Вишен, живеел дамна исто како што живее денес. Имено, дамна којзнае кога, а денес жив исто како мраморен паметник во луѓе на кои одвреме-навреме им се потребни длабокоумност во, со и низ дела. Е, тој Теодор Вишен, додека живеел дамна исто како што живее денес, имал доволно време да мисли. Уште подоволно да промислува, а најдоволно да домислува за сенешто. Но, како да трошел најголемо внимание на сознавање на нештата, притоа не водејќи сметка за времињата на суштествувањата на човечката природа.
Тоа може најпрвин да се заклучи најпрвин од едно негово единствено дело со според некои прилично претенциозен наслов: „Жива мисла“. Кој, пак, се потврдува како најсоодветен со неговото постојано преобјавување, катагодишно, како и со сè поинтензивно преведување и објавување во светот.
Оние што го познавале или го познаваат Теодор Вишен, често ја нагласуваат бавноста на неговото тивко говорење. Како да избира зборови, како да ги бара вистинските, поточно оние што неговиот исказ ќе го направат непореклив.
„Жива мисла“ почнува со следниве негови мисли за доброто:
Од добро подобро, до најдобро. Од во нешто, па сè до сѐ.
Отвори му на секое добро што ќе ти дојде на врата.
На добро се враќа со добро како подобро или најдобро.
Злото е неизмерливо. Казната треба да биде според тежината и последиците.
Најголемо зло е намерно стореното против и најмало добро.
На секое добро ширум отвори му ја вратата на својот дом. Но, внимавај заедно со него да не влезе некое зло.
На злото не му треба ука, а доброто се учи до смрт.
Најчовечки и најдоблесно е на зло да возвратиш со добро. И да не очекуваш од никого никакво признание за тоа.
Добро дело се прави во какво-годе време или невреме.
На добро зрно ниеден ветер никако не може да му наштети.
Со чесност и праведност против секое зло.Прави добро дури изодуваш свој чист пат, каменит или трновит, па оставај зад себе свој знак или трага.
Не е лесно да правиш најмало добро. Особено кога со него му се спротивставуваш на зло.
Истоста меѓу две добра е во големината. Обете му се големи на оној кому му ги чиниш.
Се бориш против секое зло со чинење на секакво добро.
Понекогаш против зло е добро и да не правиш добро.
Секое добро не за возврат, туку за паметење.
Неправдата е голема сама по себе. Не прави ја и бори се друг да не ја прави. Секое добро само по себе е големо, но од тебе стореното за тебе нека биде мало. Неправдата што ти е нанесена, сеедно голема или мала, за тебе нека биде мала.
ЖИВА МИСЛА, поетски роман