Најнапред равенство во значењата на домашното огниште, татковината и мајковината. Познато? Непотребно? Не ќе е баш. Особено ако се има предвид огништето како средиште на постоењето, личната и колективната егзистенција, продолжението на родот, одржувањето на роднинството, на негуасливоста на татковината и мајковината.
Родниот дом или огништето крај кое се раѓа, е роден или се родил човек е најзаборавен, значи не сосем во заборав, и по многу години најнепрепознатлив. Тоа во совремие и модерно време. Во далечно, па и во блиското минато не било така. Напросто, со генерации не се дозволувало огништето да угасне токму зашто е и треба да биде родно.
Притоа, неминовно е поврзувањето на родното огниште со родната земја, со родината, народот. Тоа бара продлабочено промислување и по поврзување со животната судбина на Теодор Вишен. Добро. Другпат.
Огништето како место, центар, жариште, централна точка од која се шири некаков оган, пламен, топлина, може и жештина. Во концентрични прстени, значи еднакво насекаде низ светот, или, пак, во еден односно во повеќе посакувани, предвидени, замислени, целни правци. На пример, на мудрост, на писменост, знаење, наука, на култура, на вредносен свет.
Според Вишен, и буквално и метафорички е значајно огништето како дупка во која се сади разен зеленчук овошје и што-годе друго за да фати корен, да се вкорени, да расте, да созрева, да зрее и да плодува. Огнипште во кое се вкоренува род и…народ. Колку подлабоко вкоренување, толку поплодородно.
Равенство или истост меѓу мајковината и татковината? Не толку исто, колку слично. Мајковината наследена од мајка, татковината од…од семето. Е тоа, семето е или треба да биде најсуштинско за домашното огниште. А за кое најсинонимна е родината.
Меѓутоа, пред сè и по сè била, е и ќе биде засекогаш татковината. Особено кога и непосредно и посредно се поврзува со патриотството. Конкретно кога е збор за животната судбина на Теодор Вишен. За патриотството е нужно друго време и друг контекст, секако дека нему ќе му дојде на ред, но не е возможно, дури е недозволиво да се пренебрегне неговото посебно место во живата мисла за татковината.
Накратко:
Патриотството, секогаш треба да се има предвид неговиот синоним-родољубието, е најизразито индивидуално и колективно чувство, но и никогаш сосем јасно изразено. Вообичаено, во најголема мера се однесува на народ или нација и држава. Значи, едновремено љубов и гордост спрема достигања во минатото, сегашноста, и тоа во најголема мера како залога за иднината. Од друга страна, пак, тоа е желба, заложба и борба за зачувување на основните етничко-културни обележја, пренесувани од генерација на генерација; најпрвин како традиција. Суштествено за патриотството е и себепронаоѓање со другите членови на народот или нацијата.
Сосем погрешно е поврзувањето, дури и истоветноста на патриотството со национализмот. Имено, одамна е затврдено дека национализмот е идеологија со негативен став, дури непријателство спрема други народи или нации и држави, а патриотството е пред сè и над сè морална вредност. Можеби најголема од сите други, засега издвоени како заеднички за човечката цивилизација. Заедно со спомагањето, споделувањето, доблеста.
За домашното огниште во „Жива мисла“ на Теофил Вишен:
Татковината во животното секојдневје деноноќна, во мислата, срцето, говорот, писмото, времето. До смрт и по неа.
Иста највозвишена поврзаност на секој мудар човек со земјата, огнот, водата и сонцето. Сосе корени и безмерни пространства.
Секогаш татковината прва и последна. Без неа ни живот ни смрт.
Огнот во домашното огниште се варди да не угасне додека си крај него, во него и далеку од него.
Без самосвест, јунаштво, мудрост и достоинство не се брани родината.
Татковината се љуби со душа и срце.
Сечија љубов спрема татковината за од раѓање до паметење.
Секој во себе носи грутка од родната грутка.
Љубовта меѓу човекот и татковината е нераскинлива. И во радост и во тага, и во здравје и во болештина, и во сон и во надеж.
Патриотството е непобедливо.
И живот за слобода на татковината. Сè за неа, сè вечно со неа.
Прашај се колку ѝ должиш на родината и дури си жив труди се да ѝ вратиш што повеќе од долгот.
Ако сакаш да му помогнеш на домашното огниште, најпрвин не дозволувај да се запусти и кога си до него, крај него, во него, но и кога си далеку од него.
Вреди животот до смрт кога е залога за опстанокот и иднината на татковината.
На изродници ништо од мајковината, а предавниците на татковината бележани за навек.
Родината не преживува без род и пород.
Како ти лично ја чуваш татковината во себеси и таму кај што е? А како со оние во неа и оние далеку од неа?
Не знаеш дека најпрвин со почитание спрема предците и потомците се брани домашното огниште?
Сè дури ни е жив јазикот-жива ни е татковината.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 16