18. Првпат
Првпат стаса глас
пред кладенец
како предупредување
дека скоро ќе пресуши
ако не навади треви,
билки, цвеќиња,
грмушки, овошки,
секакви дрвја
што во меѓувреме
фатиле корен.
Досега само
мрак и виделина
во тишина
што се разлева
безгрижно.
Првпат нечиј крик
како од претсмртна
болка
предизвика замисла
меѓу живата
и мртвата природа
на извишена,
возвишена планина;
дека може мигум
да порази пустош
срце,
та никогаш повеќе
птица прелетна
да не фрли семе
жизнено
за идни поколенија.