45. Преумора
Се ничкоса наземи
одненадеж,
па не можеш на нозе
да се кренеш
и да продолжиш
на огнови
да не им даваш
корени твои
да пеплосуваат.
Се ничкоса наземи
немошен,
а нема никој
ни до тебе ни со тебе
да те крене,
да те исправи,
за пак ко некогаш
сончевина
да те поткрепи;
оти си стасал сам,
безнадежен,
на крајот од опстојот
на гола, сува,
пустошна земја.
Се ничкоса наземи
преуморен од живот
неизвесен
помеѓу мигум родени
и безвремено мртви.