ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

32. На распаќе

Четири реки течат
од различни страни
кон единствена
само нивна цел.

Изворот им е
во четири планини
што обградуваат
простор на семе
со  восклик изгревен
во свеста,
а вливот во море
кое се бранува
на секој воздив
копнежен, жаловен,
сомнежен,
со верба
дека ќе биде што било
за да биде пак:
неповторливо,
неосвоиво,
непорекливо.

Четири годишни доба
на опстојба на човек
извишен над огнови,
над суши, над ветришта
пустошни,
кои со своите
ту забрзани, ту забавени
доаѓања и заминувања
му го ништат плодот
штотуку созреан,
што скоро наземи
ќе падне да закорени.

На четири света
на живи и мртви
им мине времето
заедничко,
та се оддалечуваат
едни од други
како да не биле
под исто сонце родени,
како да заборавиле
дека само со незаборав
се бранат
честа и достоинството
на секој за секој.

Ти стоиш на распаќе,
пред  четири реки,
четири годишни доба,
пред четири света,
премален и безволен.

Leave the first comment