16. Без почин
Немам време за почин
кога ми е време за збирање
коски и голи камења
во пустелијава
на кои се испишани мои
знаци, гласови, звуци,
воздиви, немости, соништа
и длабоки и крвави траги
неизбришливи.
Дека скоро ќе исчезнам
во тишина обградена
со мрачнина непобедлива.
Време ми е за збирање
коски и голи камења
кои не ќе може никој
да ги користи
за себедокажување,
а ќе стои пред нив
молчешкум,
вознемирен и премален
од скитања
помеѓу мои созданија
што не ги разбира
како приказ и доказ
на своето постоење.
Дека скоро ќе се сторам
зрно песок во пустелијава
што некогаш било
жизнено.