Природа и поет

Дребнавости на дребнав човек

Од раѓање ја учиме природата како жива, заедно со сиот жив свет во неа. Потоа ја учиме како се раѓа и расте, па како се распростира на сите страни и дише во сите годишни доба. Заедно со човекот кој од раѓање е дел од неа, па живее со неа, па заедно растат и создаваат за заеднички опстанок.

Еден поет за природата и он во неа:

„Од искони до денес природата му е пријател на човекот уште со првиот сончев зрак. Со него таа го погалува по лицето, го буди, му се насмевнува, му го стоплува и му го разигрува срцето, му подарува ведрина и радост. За потоа да го следи на секој чекор, да му помага и да го поттикнува. Секогаш со љубов и убавина.

Во сите четири годишни доба јас и природата се поддржуваме меѓусебно, се помагаме, се браниме од нечовештина и насилништво.

Во пролет во природата се буди сѐ. Сѐ заживува и сè раззеленува. Никнуваат семиња, се разгрануваат и разлистуваат дрвја. И јас сум ист како неа. Како да почнувам и како да растам нов живот. И се радувам…Во лето природата ги грее, ги топли своите плодови и ги брани од долги суши. Јас, пак, внимавам сонцето да не ми ја премали снагата…Наесен и таа и јас во неа заедно се подготвуваме за студот и белината на зимата. Лисјето пожолтува, ја покрива земјата, а јас ги собирам нејзините плодови и почнувам да се грижам за топлината на моето живеалиште…Зимата, пак, е убава и кога е снежна и кога сѐ заледува.

Прочитај и за ... >>  Строгости на форми, 131-140

Природата продолжува да ми ја гали душата во светлините и темнините на своите деноноќија“.

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 9

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.