Пресвртот

Потребно време за читање: 2 минути

-Мора пресврт час поскоро. Нема друг спас за сите нас.

-Тоа го слушна, го прочита негде, ти влетало во умот или е твое сознание по долго промислување?

-Не се мајтапи со мене. Не познавам никого што не мисли дека веќе нема мрдање. Доста беше! Или пресврт или ќе нè снема денес без утре.

-Добро, се согласувам дека мора пресврт. Мислиш како промена на тек, на правец, промена на состојба пред и за нов почеток? Да не мислиш на преврат, револуција?

-Ти пак на мајтап го тераш муабетов! Велам дека ни дојде ножот под грло и велам пресврт час поскоро. Буквално прекуноќ. Наречи го како сакаш.

-Не бе, не терам мајтап. Ти реков дека се согласувам. Ако сакаш да знаеш што мислам јас, ќе ти речам да. Мора пресврт веднаш и преку ноќ. Но, има еден суштински предуслов за тоа: кој да го предводи…Ај по ред: ако е промена на тек, на правец, тоа подразбира прво темелна согледба, па подготовка, прибирање на сила и ум…значи неопходно време; ако е промена на состојба пред и за нов почеток, тоа само по себе претставува процес на чистка бидејќи се вкоренувала и се развивала, навлегла во сите пори на животот…што подразбира постапност; ако, пак, станува збор за преврат, револуција…е, тоа е прекуноќ. Но, веќе ти посочив на суштинскиот предуслов за тоа: кој да биде, поточно кој може да биде предводникот? Да, радикален, решителен, бескомпромисен, но кој? Личност? Партија?

-Ма каква партија! Знаеш и сам дека пресврт не може да направи партија во партократија.

-Значи личност. Знаеш таква? Кажи ја, па да се потрудиме, еве јас и ти, да ја пронајдеме, да ја ставиме на чело и да тргнеме во…во што? Освојување на власта? Преврат или револуција значи најпрвин уривање на постојна власт.

-Да, личност, ама не една. Всушност една со личности околу неа. Како револуционерно јадро…Да, нужно е освојување на власта за пресврт преку ноќ. Јас мислам дека кога во државата и општеството е сè гнило, најпрвин мора гнилата власт да се фрли на буниште.

-Е, тука не се согласуваме јас и ти! Според мене, нема пресврт, нема преврат, нема револуција, нема промена на состојба или на правец без одговорност на постојната власт за сè што сторила за сè да биде гнило и што требала, а не сторила за да не биде…А за личноста со личности како предводничко јадро, се согласувам. Ништо без тоа.

-Мислиш дека ќе дочекаме јас и ти?

-Не знам. Сè повеќе како црв ме јаде сомнежот. Најмногу поради послушноста, слугувањето, платеништвото…Мораме прекуноќ, но ноќите како да ни се сè подолги.

-А да почнеме јас и ти?

-Важи!           

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 9