Редок квечерен разговор на двајца непознати луѓе во години. Облечени во ветва облека, подгрбавени, со бавни чекори во празна улица. Непознато е дали се познаваат меѓусебно, дали се можеби пријатели или роднини. Сигурно е дека не се на иста возраст.
-Сè повеќе и сè подлабоки празнини во моиве години.
-И во моиве…И сè потешки.
-Мене тоа ми е највидливо во односот на моите ближни спрема мене. Се виѓаваме сè порето, а нашите виѓавања се сведуваат само на два-три збора за како сум, како здравјето…Немаат трпение ни да дослушаат некое мое мислење предизвикано од нивен став или однос спрема што-годе.
-А мене, пак, ми е највидливо во осаменоста. Таа од ден на ден ми станува сè подолга и сè подлабока. Згора, сè почесто го слушам она дека сум го „отпеал“ своето и треба да си ја гледам староста. Па уште и „Биди задоволен што си уште на нозе. На твои години…“. Што сум „отпеал“? Што значи тоа за животот и делото на секој човек? Јас уште и творец…Тоа со здравјето…Зошто го поврзуваат со стоењето на нозе? Што вреди тоа за оној кој веќе не може ни чекор напред да направи?…Па и тоа со годините…Нема врска…
-Ти велам, сè повеќе и сè подлабоки ми се празнините во моиве години.
-Ти велам и во моиве.
Одат еден крај друг, во чекор, застануваат како да се загледуваат во нешто во далечина, па продолжуваат. Некој чуден тивок одѕвон на нивните чекори во празната улица.
Некое време чекорат во молк, па го продолжуваат разговорот. Како да се сами, како зад нив да нема никој што би можел да ги слуша. Средовечниот човек зад нив ги следи од далечина доволна за да ги слуша, притоа внимавајќи да не им се замеша во чекорот.
-Како да заборавиле што сум бил и што сè сум правел и создал додека бев важен, виден, влијателен. Колкумина вработив, на колкумина им помогнав да куќат куќа, колкумина направија кариера благодарение на мојата поддршка…Не, не ми пречи тоа. Ма каков возврат…Било-поминало…Таков е животот…Но, барем еднаш да се сетат на мене, да ме побараат, да се подружиме…И сега можам да им дадам понекој совет…Како искуство…
-Ист е, во некој поглед дури полош односот спрема мене. Јас творец, создадов неколку дела, неважно колку вредат, а никој ни да ме спомне на средби, во разговори, расправи…Еднаш направив еден опит, мошне поразителен за мене. Се маскирав никој да не може да ме препознае, отидов на една трибина, зедов збор и зборував за едно мое дело како од некој значаен творец…Замисли! Сите учесници потоа не го ни спомнаа. Ни насловот на делото ни името на авторот…мене…Почувствував најголема и најдлабока празнина.
Пак подзастануваат како да се загледуваат во нешто во далечина, па продолжуваат да чекорат со бавни чекори во празната улица. Го продолжуваат разговорот по некое време чекорење во молк.
Последното слушнато од реткиот квечерен разговор на двајцата непознати луѓе во години:
-Знаеш, сеедно ми е кога ќе умрам…Како да сум веќе мртов.
-И мене ми е сеедно.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 44