Правдата

Концептуална вага како симбол на правдата и рамнотежата

Понекогаш си го поставувам прашањето тивко, речиси без амбиција да добијам конечен одговор: може ли мудроста да се измери. Не онака лабораториски, со скала и бројки, туку човечки – со искуство, со живот, со време. Дали сите мудрости важат за сè, или секоја си има свое место и своја тежина. И ако веќе некој се обидува да издвои една како „повисока“ од другите, со што точно ја мери. Со што ја споредува. Со каква мера.

Ние луѓето често го правиме тоа без да си ја објасниме постапката. Земаме една мисла, една реченица, и ја крунисувавме како појадровита, потемелна, попаметна од другите. Ја нарекуваме „златна“, не затоа што вреди како метал, туку затоа што веруваме дека е изречена од некаква „златна уста“. Од авторитет. Од историја. Од минатото што го замислуваме како помудро од сегашноста.

Кога мерката намерно ја прескокнуваме

Можеби и не мора секогаш да ја бараме мерката. Понекогаш е доволно да собереме повеќе мудрости за исто прашање и да издвоиме една – не затоа што е најточна, туку затоа што најлесно се памети. Или затоа што во даден момент ни легнала. Како сидро. Како една од многуте, а не како единствена вистина.

А можеби е уште поискрено да оставиме неколку мисли заедно, како отворен избор. Да не инсистираме на хиерархија, туку на одговорност. Секој да си избере што може да поднесе. Што може да живее со тоа.

Прочитај и за ... >>  НАРОДНА ПРИКАЗНА

Правдата како тежина што различно ја носиме

Кога станува збор за правдата, низ историјата се изречени безброј тешки, остри и искрени мисли. Некои звучат како предупредување, други како утеха, трети како пресуда.

Аристип сурово нè соочува со изборот што секогаш боли: убавата правда ќе те предаде, грдата нема да ти се допаѓа, сиромашната ќе те упропасти, а богатата ќе владее со тебе. И на крајот, не ти нуди решение – туку те тера сам да одлучиш што најлесно ќе поднесеш.

Виктор Иго ја враќа правдата внатре во човекот. За него, вистинската правда не се мери со закони и пресуди, туку со чистата совест. Ако таму нешто не е во ред, сè друго е театар.

Кај Жорж Клемансо нема простор за компромис. Неговата мисла е јасна и студена – меѓу злосторството и правдата не може да има спогодба. Сè друго е политичка гимнастика.

Блез Паскал ја поставува една од најтешките рамнотежи: правдата без моќ е немоќна, а моќта без правда – тиранска. Во таа напнатост живеат сите општества.

Кај Сократ правдата не е тема за преговарање. Таа не се прилагодува според ситуацијата, ниту според интересот. Тој зборува за став што се брани и јавно и пред самиот себеси. С

Франческо Доменико Гераци предупредува на нешто што често го занемаруваме – страстите. Ако ги ставиме на вагата на правдата, таа неизбежно ќе се накриви.

Жозеф Жубер оди чекор подалеку и вели дека и правдата без моќ и моќта без правда се еднакво опасни – најголема несреќа.

Прочитај и за ... >>  Царот со тројцата синови и трите јаболкници - стара приказна за карактер и простување

А Франсоа Мориак ја заклучува оваа галерија со можеби најстрашната опомена: правда без милосрдие. Не неправда, туку ладна, беспрекорна правда што не знае за човечка слабост.

На пример мудро речено за правдата од повеќемина во минатото и денес

Убавата ќе те предаде, грдата нема да ти се допаѓа; сиромашната ќе те упропасти, а богатата со тебе ќе владее. Ете, избери што најлесно ќе поднесуваш.
Аристип

Вистинската правда е чиста совест.
Виктор Иго

Не може да има спогодба помеѓу злосторство и правда.
Жорж Клемансо

Правдата без моќ е немоќна; моќта без правда е тиранска.
Блез Пазскал

Во животот јавно или пред самиот себеси секогаш сум застапувал: дека ништо никому не му попуштам кога е во прашање правдата.
Сократ

Научете се на вагата на правдата да не го ставате товарот на своите страсти.
Франческо Доменико Гераци

Правда без моќ и моќ без правда е најголема несреќа.
Жозеф Жубер

Најстрашна работа на светот е правда без милосрдие.
Франсоа Мориак

Можеби правдата не се мери – туку се живее

Кога ги читам овие мисли заедно, ми станува јасно дека правдата не трпи една дефиниција. Таа не е формула. Таа е товар што секој го носи различно. Некому му е тежок, некому му е лесен, а некому му служи како изговор.

Можеби токму во тоа е нејзината вистинска мерка.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.