Повторен личен став

За слободно промислување

Повторените лични ставови се за потврдување или предупредување. Тоа значи пред сè дека или постои колебање или се одвива зад сцената нешто што може да предизвика големи, тешки, неретко трајни последици.

На пример мојов личен став за она на што се инсистира од наша, а од Бугарија односно ЕУ не се прифаќа, туку се условува со безалтернативно исполнување:

Не „гаранции“ од Европската унија за внесување на бугарско малцинство во македонскиот Устав, па почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, туку

РЕЦИПРОЦИТЕТ:

Истовремено внесување на македонското малцинство во бугарската „конституција“.

Имено, станува збор за „логичен компромис“ ( не „разумен“) кој ја разобличува подлоста на условот на Бугарија и ЕУ за почеток на преговорите. Тој не за Македонија, туку за Бугарија е неприфатлив. Најпрвин затоа што со признавање на македонско малцинство во Бугарија се „комплицира“ постоењето на Бугари.

Инаку, останувам на мојата заложба за целосно нов македонски Устав во кој, меѓу другото, ќе биде вградено решение за признавање на малцинства со исполнување на процент на учество во целокупното население. Како што е на пример во Уставот на Црна Гора. Во неа не се признава постоење на македонско малцинство бидејќи бројот на Македонци кои живеат таму е помал од потребниот „процент на признавање“.

Прочитај и за ... >>  Златна рипка која мигум станала обична

Мој одговор и на стравувањата дека при пишување нов Устав ќе се загрози самото постоење на Македонија:

Мора да научиме дека сме свои на свое!

Македонија е и ќе биде држава на македонскиот народ и малцинствата кои живеат во неа.

Македонците се и секогаш ќе бидат единствен државотворен народ. Од кого единствено зависи и иднината и судбината на државата. Во спротивно, не што не заслужуваме, туку не сме ни достојни да имаме држава и да живееме во мултиетничко општество.

(По којзнае кој пат нагласувам:

Не постои мултиетничка држава, туку постои мултиетничко општество.)

Следствено, ако го знаеме тоа, ако го учиме и сакаме да го знаеме, недозволиво е кој било нам да ни пишува Устав. Без оглед колкаво е неговото учество во вкупното население.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 112

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.