Потребно време за читање: 2 минути

По многу години, дваесет и една, конечно се вратија во својата земја. Тој, жената му, нивното момче, седумнаесетгодишно, и нивното девојче, четиринаесетгодишно. Конечно, засекогаш. Беше време? Не предоцна зашто никогаш за ништо не е доцна? За засекогаш секако во последно време.

На заминување, пред дваесет и една година, и премолчено и гласно си ветија, како да се заколнаа дека ќе се вратат на домашното огниште додека се живи. Угаснато? Тој со цврста убеденост дека домашното огниште никогаш не гасне што да не може да се обнови, да се запали пак, а таа со надеж дека спомените на нејзините и нивните најближни ќе живеат додека пак не заживеат во незаборавот на нивните рожби.

Се враќаа они многупати во изминатите години. Најмалку на секои две-три години. На две-три недели, месец, неколкупати на месец ипол. Колку што можеа да си дозволат со оглед на секојдневниот ритам на живеачката во странство, во туѓина, колку што им дозволуваа обврските, ритамот и развојот на бизнисот. Сега конечно, засекогаш.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ ескизи, 14

А домашното огниште? Угаснато, но подготвено за нов живот. Да го заживеат потомците заедно со сенките на предците околу него и во него? Да, во радост, разиграност, дури распеаност пред да се разгори и да ги грее долго, та предолго замолчените, потонатите во тишина простории, агли ѕидови, прозорци, врати, покрив, стреа, праг. Радост од почеток на секој нов ден и крај во ниедно доба на ноќта.

Единствени повратници? Да, засега. Сигурни се дека се први за да не бидат последни. Тоа нема да се случи. Просто е невозможно. Веќе знаат некои нивни познајници, во земјата во која минаа цели дваесет и една година, кои се подготвуваат за конечно враќање. Крај домашните огништа, во соседски, засега угаснати, студени и самотни живеалишта.

И него ги заболе до срце нешто што го видоа, го слушнаа, го согледаа на идење по калдрмисаната улица од малиот плоштад до прагот на нивниот обновен дом на стари темели: пред праговите на неколку живи живеалишта со запалени огништа само еден или двајца премалени старци и старици.                

Прочитај и за ... >>  Секирација

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 61