ДОСТОЈАНИЕ НА ИЗВИШЕН ТВОРЕЦ, 44

Потребно време за читање: < 1 минута

44. Човек на ветромет

Ене го виден и извишен
среде игра на тишина
како стои на ветромет,
како стои цврсто.

Суштествено прашање
за него
е дали ќе достои до сон
за корен во векови
преполни траги
сосе паметење.

Гледајќи го како стои
цврсто,
мене ми се чини дека
не е прашање дали
ќе достои на ветрометон
како човек,
туку кога крвта и огнот
во неговото срце
неговата творечка сила
ќе му ги претстави
на светот
како вековити, исконски,
нескротливи
и неизбришливи.

Треба да се има предвид
дека до ветрометон
сè уште не стасал ветер
што ќе успее да го крене
на небо,
та обессилен, та бескрилен
да го исчезне каков што е,
виден и извишен
среде игра на тишина.

Секој што го догледува
оддалеку или одблизу
брзо сознава колку човек
треба да биде што е
за вечно да биде на свое.