Знаете ли што е Алдебаран? Тоа е најсјајната ѕвезда во соѕвездието на Бикот, од Земјата оддалечена 68 светлосни години. Видлива е навечер зиме и на почетокот од пролетта. Видлива е и од Скопје, на јужната страна на небото, над Водно.
Алдебаран е „јужната ѕвезда“ на современиот македонски писател и поет Влада Урошевиќ: „таа земја…“, „таа песна…“, „таа жена…“, „триж вистина триж измамна Алдебаран“. Позната песна објавена како вовед во книгата „Алдебаран“, збирка на текстови пишувани и објавувани во подолг временски период, што ги поврзува нишката на минатото, изминатото, забележаното, доживеаното.
Се работи за текстови- записи, искажувања, репортажни белешки, раскази кои ни го откриваат Урошевиќ во една друга светлина од онаа што добро ја познаваме- поетската, како една од највозбудливите поетски авантури во современата македонска поезија; со стихозбирки кои непрестано отвораат нови страници, не само во неговата поетска профилација. Се разбира, го познаваме и како прозен автор, со повеќе збирки на раскази, роман, но и како неуморен истражувач и толкувач на модерните текови на книжевноста; како критичар, есеист и афирматор на македонската поезија во други средини.
Помалку е познато дека Влада Урошевиќ е витез на Редот на уметноста и литературата, именуван од француската Влада за заслуги во преведувањето на француската поезија.
Книгата „Алдебаран“ ни открива нови простори, поинакво доживување на виденото и од многумина од нас веќе заборавено. Тоа е книга за Скопје, за градот под ѕвездата Алдебаран, но и за „Тој град што никаде го нема“ освен во едно „Скопско детство“, на една „Сентиментална прошетка“ по преживеаниот земјотрес по кого „Низ куќите што веќе ги нема летаат сега птици. Излегувате на плоштад, премногу познат со својата, оптегната од ѕунливост полутопка на небото, и оттаму од каде што секогаш ве пречекувале облици лесно засенчени од навикот, ве удира реско отворената празнина“; книга за пролетта во него, за споменот, часовниците и времето, па дури и за едно вдахновено „За“ скопски трамвај!
Страниците на „Алдебаран“ ви откриваат патувања по морето, Медитеранот, Охрид, но и големата боја, љубов и сенка на Урошевиќ- надреализмот. Во оваа книга ќе сретнете и текстови за француските надреалисти, а од нив мошне впечатлив е оној под наслов „Едно попладне во кабинетот на Бретон“.
„Алдебаран“ уште еднаш, како и многу други поетски и прозни дела од творештвото на овој наш реномиран творец, завршува таму кајшто започнува играта, доживелицата, авантурата на Зборот, кајшто продолжува песната: детството.
Имено, во последното поглавје под наслов „Триж вистина триж измамна Алдебаран“ е објавен еден одговор на поставено прашање за инспиративниот извор на неговата книжевна работа. Во него Урошевиќ, меѓу другото, нагласува дека тој извор е пред се и над се детството, па додава:
„Му приоѓаме тогаш на светот како на огромна тајна, влегуваме во него како во пештера со богатство, не знаејќи што попрво ќе допреме. Секој миг тогаш носи ново искуство и се што ќе видиме е на некој начин значајно. Врз се трепери светлината на откритието, истовремено се крие во своето јадро некаква загатка што постојано, мамејќи не, ни бега“.
Вакви книги се ретки во нашата издавачка продукција. Вакви прилози, како објавените во „Алдебаран“, повеќето од нив обично го носат печатот на делничното траење или се само дел од авторовиот животопис, без поголема амбиција да носат во себе позначајни книжевно- естетски вредности.
Меѓутоа, прилозите на Влада Уоршевиќ со многу нешта ја совладуваат опасноста од сопствената делничност и маргиналност, а пред се со препознатливиот раскажувачи стил, местото и функцијата на деталот, особено на необичното, по бележењето на тн. „онеобичена обичност“.
(Влада Урошевиќ: „Алдебаран“, Култура, Скопје 1991)