-Зошто само за победите во животот? Зошто не и поразите? Барем помеѓу нив?
-Ти и за поразите кога е збор за победите?
-Јас за победите зашто се најчесто самодокажување и докажување пред други на сопственото Јас. А за поразите секогаш како неминовност пред или по победите. Поразите го калат човекот и ја зајакнуваат неговата издржливост. Со други зборови, секој пораз е за победа или по неа. Проблем се последиците од поразите и нивното времетраење.
-Јас сакам да ги кажувам, раскажувам и докажувам само победите затоа што во животот најчесто поразите се дел од нив. Впрочем, кога меѓу нив ставаме знак на равенство, според нивната тежина, краткотрајноста или долготрајноста, обично ни се случува едните да ги претвораме во другите, односно едните и другите да нè трошат еднакво докажувајќи ги како важни, пресвртни, пресудни.
-Добро, прифаќам за нашите победи сосе поразите во нив. Јас мислам дека личните победи се каде-каде поважни од заедничките односно колективните. Поразите во нив, пак, се поначесто колективни одошто лични. На пример нашите победи и порази. Досега не сме имале многу, можеме да ги изброиме со прстите на едната рака, па воопшто не е тешко да навлеземе до сржта во нив. Јас сум сè уште под импресија на последната битка за освојување на тврдината среде пустината во која се најдовме, сеедно дали случајно или намерно.
-Мислиш на светот меѓу реалноста и надреалноста во кој моравме по секоја цена да бидеме заедно, макар до пред нашите последни воздишки? На светот во тврдината која и оддалеку и одблизу ни изгледаше неосвоива? Среде пустината која ја замисливме како безживотна, гола, недогледна, недоодна?
-Можеме да ги изброиме поразите пред таа наша последна победоносна битка? Јас не мислам дека ни треба тоа. Се знае зошто беа толку на број толеми и мали, последователни и нужни: во тој свет во пресвртните моменти надвладуваше надреалноста, па жилавоста на одбраната на тврдината беше напросто неверојатна. Тоа ни беше очигледно секогаш кога ќе успеевме да освоиме нејзин бедем. А кога заврши последната битка, дури тогаш забележавме дека нашите порази во неа всушност беа од суровата реалност која беше длабоко навлезена во тој свет меѓу. Која, пак, постојано ја ширеше и ја продлабочуваше пустината каква што ја замисливме.
-Мислам дека многу ја поедноставивме смислата на нашата постојаност.
-В ред. Ајде одново за нашите лични победи во неа.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 28
