Петли и кокошки

Потребно време за читање: 2 минути

Долго време во еден кокошарник владеела тотална рамноправност меѓу петлите и кокошките. Дури биле бројно исти, така што на секој план можеле да се надополнуваат како парови. Со други зборови, сè уште живееле заедно во кокошарникот, колективно, во јато, но во исто време сè повеќе се издвојувале по еден петел и една кокошка за што повеќе време заедно да колваат, да водат љубов и да испилуваат пилиња. Истото беше сè позабележливо и меѓу петлите и несилките: од кукуригањето на петлите како будење и довикување на љубов и секс, па сè до несењето јајца и чувањето додека не ги соберат јајчарот или јајчарката.

И како што обично се случува кога се случува она што се случувало во кокошарникот, не само што се продлабочувале разликите меѓу паровите петли и кокошки на секој план, и не само што почнале да си конкурираат едни на други, да се натпреваруваат, туку почнале дури да не се познаваат меѓусебно. Очекувано, нормално, сето тоа почнало да се пренесува и меѓу пилците. Почнале да се гледаат напоречки и да шират непријателство.

За добро или за лошо, кој ќе знае, засега никој не знае, се случило во кокошарникот случајно да се најдат еден петел повеќе и една кокошка помалку. Вушност, на јајчарот погрешно му се видело дека на една кокошка ѝ фали петел и купил младо петле, а на јајчарката исто така погрешно ѝ се видела една кокошка вишок и заклала една млада.

Од денот кога се случило што се случило, во кокошарникот завладеал голем хаос. Толку голем, што не се знаело кој петел е со која кокошка и која кокошка е со кој петел. Просто кој која ќе начекал и која кого ќе дочекала во кое било време. Притоа ни трага од љубов. Меѓу петлите и кокошките пчочнале сè повеќе неверства.

Јајчарот и јајчарката вложувале големи напори во кокошарникот да ја повратат рамнотежата односно љубовта и колективната живеачка, но тоа никако не им успевало.

Нивен последен чекор: купиле повеќе нови петли и заклале повеќе кокошки. Но, и тоа било залудно.                

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 30