Пештерата му се откри сама еден ден. Беше сокриена во густа и висока шума, во подножје на издигната планина со стари исушени дрвја, зад бучен модар водопад кој паѓаше во езерце баш пред нејзиниот мал отвор. Секако немаше да му се открие, доколку не беше решен да си направи своја нова врвица во густата и висока шума. Секако и доколку не му го привлече вниманието издигнатата планина со стари исушени дрвја. Бучниот водопад, пак, го привлече со својата модрина, како да му влеваше спокој во телото и мислата.
Долго стоеше, па седеше на модар камен пред нејзиниот отвор. Не го мамеше да влезе во пештерата, туку таа како да му зборуваше дека е необична, дека има нешта во себе кои ги немаат сите други што ги беше открил досега. А досега беше открил многу како планинар и спелеолог. Долги, широки, длабоки, плитки, карпести, преполни со сталагмити и сталактити, реки понорници, езерца, лилјаци во тишини и шумни летови.
Што може да има единствено во пештерата со мал отвор, сокриена во густа и висока шума, во подножје на издигната планина со стари исушени дрвја, зад бучен модар водопад кој паѓа во езерце? Секако мора да влезе и да открие.
Веднаш зад отворот во пештерата се слегуваше по вешто издлабени и измазнети скали, покрај плитко и тесно корито по кое истекуваше модра вода од езерцето. По нив се слегуваше две-три минути и се стасуваше во една рамна поврвнина опкружена со сталактити во разни форми, од кои најмногубројни како луѓе кои весело танцуваат и пеат. На средината сталагмити како стари мудреци испоседнати околу дамна угаснат оган. Меѓу расфрланите камења отстрана забележа стапалки од цокули, а на крајот од модрото езерце, не пошироко и подолго од три-четири метри, легло од греди и слама. Значи, не е прв што ја открил пештерата! Некој дури живеел во неа? Можеби живее?!
Подлабоко во пештерата, не подалеку од пет-шест минути одење исправено, се најде уште пред една поврвнина, а на пет-шест минути од неа уште пред една. Обете како и првата, со мали модри езерца, не пошироки и подолги од три-четири метри. По нив некако ненадејно, по минута-две поднаведено одење се најде на излезот на пештерата, од другата страна на издигната планина. Пред големо модро езеро, широко и долго километар-два!
Се сврте и се загледа околу себе неколку пати. Конечно, на езерскиот брег, недалеку десно забележа чудно изделкан камен. Личеше на човек во седечка положба, како загледан во далечина!
Без двоумење се упати кон него, истовремено расположен и вознемирен. Можно ли е да е жив човек, жител на пештерата? Некој што го очекувал токму него?!
Беше човек седнат скрснозе, загледан во далечина, кон другата страна на езерото. Изделкан од модар камен! Од времиња и невремиња што се случиле во минатото и се случуваат денес.
Седна скрснозе до него и го праша дали е жив или дамна мртов. Модриот каменит човек му одговори со насмевка дека треба да одлучи сам дали ќе остане со него или ќе се врати пред пештерата. Не откривајќи му ја никому.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 12




