Митра Блажена и Теодор Вишен се среќаваа често на места во градот според ништо необични или единствени. На кои секогаш имало и други, слични или различни од нив. На пример на улица, на плоштад, во парк, на пазар, на кеј или на концерт, изложба, промоција на книга, тематска трибина. Се среќаваа често, а меѓусебно не се ни забележуваа; камо ли намерно да застанат еден пред друг, еден спроти друг и да се запознаат, зошто не и негде да бидат некое време заедно.
Се сретнаа, се забележаа меѓусебно сосем случајно, на промоција на прва, дебитантска книга-роман на млад писател. Обајцата имаа слободно време, немаа што да прават со него, а промоцијата ги предизвика не името на авторот, туку насловот на делото: „Мигови кои никој не успеа да ги поврзе причински или последично, а зависеа исклучиво од паметното чекорење низ свет на непремолк“. Промотор беше истакнат, но за нив исто така непознат критичар.
Се сретнаа во салонот, пред почетокот на промоцијата.
-Јас сум Митра Блажена,-му се претстави со ведра насмевка.
-А јас сум Теодор Вишен,-ѝ се претстави исто така со ведра насмевка.
Таа му рече дека не ја интересира белетристиката, студира филозофија, а на промоцијава е сосем случајно. Не знаела како и каде да го „отепа“ слободното време, а ја привлекла насловот на делото. Тој ѝ го рече истото, додавајќи: „Си направила паметен чекор. Ете и јас…Паметните чекори секогаш го доведуваат човекот до некоја цел. Паметен е и кога ќе те доведе пред убавина како твојава“. Ѝ беше чудна додавката, помисли: „Овој е од оние што не чекаат, веднаш се додворуваат…Лесни типови“. Го праша што мисли за насловот, а тој ѝ одговори низ смеа дека очигледно станува збор за некои важни мигови. Најверојатно се на авторот. Таа му забележа дека не мора да значи, ако се имаат предвид новите трендови на модерниот роман. Кои многу не ѝ се познати, само прочитала понешто. Тој се согласи, но забележа дека ја сака и ја следи светската и домашната белетристика, па прилично ги познава трендовите на модерниот роман. Можеби станува збор за испреплетеност на факција и фикција. Тој по професија нема ни допирна точка со литературата. Всушност, по професија не е ништо. Откако обајцата се изнасмеаја, тој ѝ рече дека погрешно студирал право и станал дипломиран правник, но како таков не бара работа.
Ѝ се пофали дека пишува книга со мисли, но засега не ни помислува да ја објави. Едно затоа што сè уште ја пишува, а друго не знае зошто би ја објавил. Можеби ќе ја објави на сопствен трошок, за чисто лично задоволство.
Таа го загледа по малку изненадено:
-Пишуваш книга? Каква книга?
Теодор Вишен:
-Со мои мисли за сè и сешто. Мислам дека го имам погодено насловот: „Жива мисла“.
Митра Блажена:
-Имаш при себе нешто да прочитам?
-Се разбира. Ќе ти дадам после.
Ѕвонче најави почеток на промоцијата. Ја проследија седнати еден до друг, одвреме-навреме погледнувајќи се и насмевнувајќи се меѓусебно.
На излегување Вишен од внатрешниот џеб на сакото изваде лист хартија:
-Ова се мисли што ги испишав ноќеска. Не ти кажав дека во книгата ми се тематски, во посебни поглавја.
На крајот од листот ѝ го напиша бројот на неговиот телефон.
-Јави ми се кога ќе можеш и сакаш,-ѝ рече надежно на разделба.
Митра Блажена го прибра листот во својот ранец и оддалечувајќи се му дофрли:
-Ќе можам и сакам.
Дома се спружи во креветот во својата соба, несоблечена, го изваде листот од ранецот и прочита што пишуваше под насловот „Жива мисла“:
Најсуштествен за животот е паметниот чекор.
Меѓу паметни некој повеќе, некој помалку.
Задоцнета памет не е сопствена памет, туку туѓа конечно призната и прифатена.
Паметниот ја цени и прифаќа вистината. Глупавиот ја признава ако може да ја злоупотреби.
Паметни се согласуваат или не се согласуваат паметно.
Двајца јаки се борат со ум.
Во безумие ништо со ум.
Паметниот предвреме прави што треба, а глупавиот не прави нипшто навреме.
Ако имаш памет, имаш и волја. Ако немаш волја, со време ќе изгубиш и памет.
Не оставај нештата да созреваат созреани. Умни и разумни таквите ги оставаат да изгнијат.
Паметен суди паметно.
Паметниот знае дека без алтернатива ништо не се прави паметно.
Телото е тело, умот е ум. Телото не е тело без ум, а умот е ум и без тело.
Глупоста не живее со паметен човек.
Не е исто да си учен и да си паметен.
На паметта не ѝ е важно дали се цени или не.
Паметен против непријател, глупав против пријател.
Глупав владее зашто на паметен не му треба да владее со глупав.
Ние сме секогаш попаметни од другите.
Не им давај памет на оние што научиле да ја злоупотребуваат.
Не постои умна љубов. Постои и се наоѓа ако се бара ум во љубов.
Никој нема доволно памет за себе, а поготово за други.
Треба да се признава и цени богатство стекнато со ум. Тоа и се троши умно.
Малку пари, доволно ум? Многу почесто многу пари, а малку ум.
Невозможно е глупав да стане паметен. Може да стане помалку глупав со паметни.
Паметниот не си дозволува ни големи ни мали глупости.
Гладен на паметен не му верува.
Таму кај што попаметниот попушта, глупавиот владее со него.
Умни луѓе-и блиска и далечна светлина. Големи умови-блескоти во темнина.
Не се обидувај да кажеш нешто паметно кога нема кој да те послуша.
Паметта не предводи. Паметта го покажува патот до целта.
Премалку памет-безумие.
Умно срце-ретко богатство.
Секој се труди да биде пред други. Само паметниот не.
Залудно се трудиш од глупав да направиш паметен.
Да беше тогаш паметен, ќе беше и сега.
Глупав не слуша паметен, па не може да го послуша.
Паметен човек цел живот учи од паметни и попаметни од него.
Се смее, а не разбира зошто.
Паметниот повеќе прашува, отколку што одговара.
Како тоа немал памет, па ја изгубил?!
Сакај го паметно она што го сакаш.
Еден ум со колку што може повеќе умови.
Мир со ум, војна без ум и разум.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 7