Се собраа во две групи деца со различна возраст на игралиште, се поделија во две нееднакви групи, скрпија топка од партали, ставија меѓу нив висока мрежа, што да не може да се прескокне, се соблекоа голи и почнаа да играат своја палава игра.
Палавоста најнапред им беше во жонглирање со топката, со глава, преку глава, со нозе, со крснозе, на гради и на половини, однапред и одзади, а потоа префрлање преку мрежата толку високо што ни највисокото меѓу нив да не може со раце да ја врати назад за неодбранливо да падне наземи. За целото времетраење на играта палавоста ја докажуваа со џагор и смеа.
Играа без престан со денови и ноќи, без паузи за одморање, за прибирање снага! Како играта да нема крај!
Случајните минувачи, како и минувачите што застануваа подолго време загледувајќи ја, брзо се убедуваа дека нејзината палавост ќе заврши кога децата ќе решат да престанат да ја играат.
И би убеденоста.
Децата решија да престанат да ја играат палавата игра кога едно од нив, она што се издвојуваше од другите со својот џагор и смеа, при скок до над мрежата ненадејно, силно, со трескот падна на земја без никаков знак на живот!
Сите притрчаа, пробаа на секаков начин да го повратат, да го оживеат, но сè беше залудно. Настана штама.
Сите се разотидоа, и децата и случајните минувачи и минувачите што застануваа подолго време загледувајќи јка палавата игра, откако дојде возило на итна медицинска помош и го однесе.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 55