Орлеански (Orleans) е војводска титула на некои споредни линии на француската кралска куќа, кои го држеле поседот на војводината Orleans.
Титулата „војвода орлеански“ прв во 1344-та година му ја доделил францускиот крал Филип VI на својот син Филипе (Philippe). Бидејќи овој немал наследник, титулата во неговата лоза замрела.
Во 1392-ра година кралот Карло VI таа титула му ја доделил на својот брат Louis de France (или de Valois), втемелувачот на линијата Valois-Orleans. Негов син е Charles d’Orleans (1391-1465), кој во англиско заточение минал 25 години. Заедно со F. Villon, тој е најистакнат претставник на француската поезија од 15-от век. Негов син е францускиот крал Луј XII. Charles d’Orleans (1522-1545), син на францускиот крал Фрањо I, се истакнал во борбите против Карло V.
Кралот Луј XIII од династијата Bourbon во 1626-та година му ја дал титулата војвода орлеански на својот помлад брат Gaston кој, како истакнат противник на Richelieu и Mazarin, му се придружил на движењето на фрондата. Умрел без машки потомци.
Основач на лозата Orleans-Bourbon бил Philippe (1640-1701), син на кралот Луј XIII и брат на Луј XIV, кој титулата војвода орлеански ја стекнал во 1660-та година. Philippe II (1674-1723) му бил војсководец на Луј XIV, регент за малолетниот Луј XV.
Louis Philippe (Philippe Egalite, 1747-93) поради своите либерални гледишта дошол во судир со Луј XVI и Марија Антоанета. Во 1789-та година е избран во Генералните сталежи, како претставник на париското благородништво, но му се придружил на Третиот сталеж; соработувал со Mirabeau и Danton. По 10.08.1792 (јуриш на дворецот Tuileries и затворањето на Луј XVI) се одрекол од сите почести и титули и го зел името Egalite. Кога неговиот син заедно со Dumouriez преминал кај Австријците, Philippe бил ставен в затвор, а за времето на теророт е гилотиниран. Неговиот син Louis Philippe I (1773-1850) во 1830-та година стана крал на Франција (Луј XIX).
Од лозата Orleans-Bourbon (по мајката Клементина) потекнува и бугарскиот крал Фердинанд I, од куќата Sachsen-Coburg-Kohaty.
Louis Philippe Robert d’Orleans (1869-1926) се занимавал со истражување на источна Азија, Арктикот и источна Африка. Тој е последен член на своето семејство кое ја носело титулата војвода орлеански.
Сепак, од сите Орлеански најпозната, во историјата најславна, е секако Јованка Орлеанка, Девицата Орлеанска.
Нејзиното вистинско име е Jeanne d’Arc. Родена е во 1412-та, умрела во 1431-ва година. На таа млада селанка, на која „гласови од небото“ и наредиле да ја спаси Франција од англискиот освојувач, кралот Карло VII и го доверил водството на еден воен одред. Таа го ослободила опседнатиот Orleans (1429), ги победила Англичаните кај Patay, а потоа го повела кралот на крунисување во Reims. Меѓутоа, кај Compiegne паднала во рацете на Бургундците (странка на домашни болјари, приврзаници на англискиот крал) и им е предадена на Англичаните. По нивни диктат, црковниот суд (на чело со бискупот Cauchon) ја осудил на смрт како кривоверничка и вештица; изгорена е жива на клада во Rouen.
Мртвата херојка е рехабилитирана при ревизијата на процесот во 1456-та година, а католичката црква во 1920-та ја прогласи за светица.
Втората недела во месец мај е посветена на нејзиниот спомен, во Франција се слави како национален празник.
Околу Девица Орлеанска, која станала симбол на францускиот патриотизам, набрзо по нејзината смрт се исплеле многу легенди, а нејзиниот лик со векови ги инспирирал писателите (F. Villon, J. Chapelain, Voltaire, F. Hebbel, A. France, G. Bernanos, M. Twain, M. Maeterlinck, F. Schiller, G. B. Shaw, P. Claudel, J,. Anouilh). ликовните уметници (F. Rude, P. Dubois, J.A. D. Ingres, J. Bastien-Lepage, P. Delaroche, H. Scheffer, H. Chapu) и музичарите (G. Verdi, Ch. F. Gounod, A. Honegger).
Инаку, Orleans е град и управен центар на депратманот Loiret, на реката Loira, средна Франција. Тој е културен, трговски и индустриски центар. Сочувани се готската катедрала Sainte-Croix (од 13-от век, која е преградувана во 17-от и 19-от век), градскиот совет (16-ти век) и други стари згради. Универзитет е основан во 1305-та, а обновен во 1961-ва година. Развиени се металната, електротехничката, електронската, фармацевтската и прехранбената индустрија. Orleans е сообраќаен јазол на јужниот приод во Парискиот базен.