Опозиција и опструкција

Потребно време за читање: 2 минути

Дали актуелната парламентарна опозиција досега дејствуваше, дејствува, а според најавите не се откажува од начинот и „стилот“ на дејствување, како конструктивна односно делотворна (создава, гради)?

Колку се оправдани или не критиките дека таа постојано врши опструкција и сноси голем дел од вината за застојот во реформите, за севкупните состојби, а особено за негативните оценки од Европската комисија и „временскиот ултиматум“ од НАТО за добивање покана за членство во алијансата идната година?

Основни, енциклопедиски сознанија и знаења за суштината и значењето на опозицијата и опструкциското дејствување:

Основното значење на терминот опозиција (од латинскиот oppositio) е спротивставеност, противречје.

Во политичкиот живот опозицијата значи појава на политички ставови, групи или движења спротивни на владеечките, на службените или на традиционално утврдените; спротивставување на некои политички групи или странки- партии на политиката на владата или на владеечката странка-партија.

Тн. парламентарна опозиција за првпат се појавила во Англија во 17. век и таму е официјализирана како „опозиција на неговото величество“ (анг. His Majesty’s Opposition). Таа ги брани оние интереси кои владата слабо или никако не ги застапува, а наедно го изразува расположението на оној дел од јавното мислење кој е незадоволен од политиката на владата.

Во капиталистичките парламентарни држави со две доминантни политички партии, најсилната опозициска партија е наедно и носител на парламентарната опозиција. Таа е секогаш подготвена да ја замени владеечката партија, па за таа цел има и однапред подготвена влада (во Велика Британија тоа е тн. влада во сенка).

Вонпарламентарната опозиција ја создаваат оние легални политички партии кои не се застапени во парламентот, а се незадоволни од работата на владата, потоа партии кои се во директен судир со режимот и дејствуваат илегално, како и различни политички и идеолошки групи кои се незадоволни од постојниот општествен поредок, па се обидуваат да го соборат, а во тоа- веќе според својата идејна инспирација и политичка насоченост-се служат со разновидни средства и методи, од вербална критика до физички терор.

Опструкција (латински obstruere-да се загради, да се затвори) е метод на борба со која се сака да се спречи работата на некој собир во донесувањето на негови заклучоци, со доследна примена на различни средства на опонирање ( држење на долги говори, кои често воопшто не се однесуваат на предметот на дебатата, со постојано поднесување на нови предлози, правење на бучава, предизвикување на неред и сл). Најмногу е позната како метод на парламентарна борба на опозицијата, за да се оневозможи донесувањето на закони со кои таа не се согласува.

Leave the first comment