Омразата

Потребно време за читање: 3 минути

Прочита за суштината на омразата:

Станува збор за чувство на интензивна одбивност спрема некого или нешто, а е најчесто поврзана со интензивно чувство на бес, презир и гадење. Како емоција, таа може да биде краткотрајна и долготрајна, со низок или со висок интензитет.

Во психологијата омразата се смета за длабок психолошки одговор на чувство на заробеност или на неспособност на разумот. Во психоанализата таа се дефинира како его состојба која сака да го уништи изворот на својата несреќа. Притоа нагласувајќи дека е тоа поврзано со прашањето на самоодржувањето (З. Фројд).

Говорот на омразата е говор кој омаловажува лице или група на луѓе врз основа на нивната општествена или етничка група-раса, пол, години, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, идентитет, ментално пореметување, идеологија, класа. Како синоним се користи изразот јазик на омразата, но тој првенствено се врзува за изразување дух на нетолеранција со посредство на медиумите. Според законот, говорот на омразата е секој говор, гест, однесување, пишување или прикажување што е забрането затоа што не смее да поттикнува насилство и предрасуди против заштитен поединец или група.

Одредени негативни последици: создавање презир, негативен стереотип, поттик на дискриминација и непријателство, предизвикување чувство на несигурност и страв, нанесување физички и психички болки, упатување закани.

Мизогинија-омраза спрема жена или девојка (значи и нетрпеливост, презир или предрасуди спрема неа, а може да означува и облик на параноидна фиксација поврзана за предмет кој е истовремено предмет на омраза и љубов); најчесто се изразува во вид на машки шовинизам и сексизам.

Мизандрија-омраза, презир или предрасуди спрема маж или момче; се изразува различно, вклучувајќи социјална исклученост, сексуална дискриминација, непријателство, омаловажување, насилство.

Прочитај и за ... >>  Здодевност

Он за омразата:

Најчест извор на омраза е инфериорноста.

Не одговарај на омраза со омраза, ако сакаш да ја надвладееш.

Биди груб и суров, па ќе предизвикаш омраза.

Неизмерна е омразата од немоќ.

Нема место за никаква омраза во љубов. Штом навлезе, љубовта веќе не е тоа.

Голем проблем сам за себе и за сите е оној што мрази.

Ослободи се од товарот на омразата дури не те фрлил наземи.

Ако се мразиш-мразиш.

Лесно се препознава омразата што иде од страв.

Си го поразил човечкото во тебе, поразувајќи човек.

Не е добро ни да мразиш ни да сакаш до крајните граници на твоето постоење.

Омразата носи во себе неизлечива болештина.

Меѓу љубов и омраза-неисполнетост и разочараност.

Не мразиш никого, ама некого не поднесуваш.

Големо зло од омраза и по неа.

Што подалеку од мене штом мразиш!

Омраза во тебе? Исфрли ја додека не те ослепела.

Како можеш да мразиш човек кого не го познаваш?!

Не разбирам зошто ја мразиш љубовта од која се откажа!

Се таложи омраза во човек омаловажен и ништен.

Ме лажеш, значи ме мразиш.

Фрли ја омразата од себеси додека не те отрула.

Нема ништо заедничко меѓу луѓе што се мразат. Меѓу нив се множи зло.

Како не знаеш дека омразата го скусува животот?!

Не го мразиш човекот оти добро го познаваш.

Се разгорела омраза во тебе, та брзо ќе те пеплоса.

Учи се да љубиш, не да мразиш.

Ти ја презел работата зашто ја знае подобро од тебе, па го мразиш.

Не го мразиш зашто го презираш.

Прочитај и за ... >>  Среќа

Подредениот го мрази многу или малку надредениот, во зависност од тоа колку му е понизен.

Се бориш за да освоиш или заробиш исполнет со омраза.

Го мразиш оти му се плашиш.

Безделничиш и ги мразиш оние што работат предано.

Непредвидливи се оние што мразат без причина.

Се спријателиле слабаци за да се бранат од омраза на силници.

Го мразиш она што ти фали.

Мразиш дека ти е здодевно. Ослободи се од таа омраза за да одиш напред.

Се омразија толку, што да не можат ни да се погледнат в очи.

Стоењето во место ти е најмногу од голема омраза спрема оние што те претекнале.     

Не сиромаси, ами помали богатници од тебе ти завидуваат на богатството и те мразат.

Брани ја љубовта од омразата на оние што не љубат колку ти.

На оние што се мразат себеси никој не може да им помогне.

Добродушен најбрзо ја поразува омразата.

Не те мразам, ама биди што подалеку од мене.

Мрази зашто никому не му значи ништо.

Многу одземаш од себеси мразејќи.

Колку повеќе мразиш, толку повеќе се осамотуваш.  

Меѓу многу мразачи еден кој не мрази. Никој од нив не знае како се нашол меѓу нив.

Не те мразам, и покрај тоа што ме мразиш.

Нема одбрана со омраза.

На жива мака си дека и мразиш и љубиш.

Тешко се пробиваш во животот зашто не си способен да мразиш.

Го мразиш, а продолжуваш заедно со него!

Не прифаќаш, не признаваш, негираш-дека мразиш.

Бега љубов од омраза, но никако да избега.

Не завршува љубов со омраза.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 36