Разбирање на камен

Штом впива светлина
каменот е жив
овој заедно со мене
на сон
досега никој никогаш
не му ги протолкувал
срцето и возбудата
затоа што се гледа камен
како камен
кој е појак од човек
му се опира енергично
не му дава со голи раце
да му ја смени формата
никако структурата
ако некој не внимава
на неговите движења
особено на личните
и заедничките намери
во заедница на камења
грамадни зрнени
расфрлани насекаде
на пример наредени
еден врз друг
во самотија на пример
да обградуваат слободи
на неразбрани соседи
во една карпа скрвавена
создател со чекан и длето
прави знаци слова и говор
во молк
за препознавање
на оние што ќе се родат
во нечие идно време.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 32

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.