ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 23

Потребно време за читање: < 1 минута

23. Смртно

Сè смртно одложно неодложно
без годишни доба скаменени
во срце на вековита планина
пред живи уплашени очи
на огнена тишина
што се урива сама од себе
во своето подножје
корито на река пресушена
која не оставила никаква
трага безвремена
зашто знаела дека ќе нема
ниту луѓе ниту човек еден
да открие како се умира бавно
пробивајќи се меѓу изгреви
без залези
се урива пред огнена тишина
сè смртно одложно неодложно
во срце на камена планина
сама од себе
ту се рони ту дели ту се крши
на ситни на крупни камења
на големки карпи трескотно
безгласно
како однатре во срцето нејно
да се собрала последна сила
за поместување од место
макар чекор сосе воздив
крик залуден
кога нема луѓе нема човек
во оваа пустошија
која чека нова природа
со нови годишни доба
конечно бесмртна.