ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Потребно време за читање: 3 минути

108.

Како да се разгорува огнот во огништето овде во Сиднеј, чиј свет отсекогаш ми бил далеку и не бил, не е, ниту може да стане мој или дел од мене. Досега го одржував запален само во егзистенцијална смисла, но отсега, откога реши да исчезне син ми… Што се однесува, пак, на огништето во моето Долно Дивјаци, со дамна изгаснат огнот во него, ми станува се понеизвесно, напати невозможно дека ќе ме дочека макар уште еднаш, макар последен пат, одново да го запалам, да седнам на триножно столче крај него и да починам. Може и да бидам зафатен од неговите пламени столбови, па да умрам во спокој.

Дојде време пак да се сретнам со познајникот-средовечниот седокос човек, Германецот, од Берлин; слободниот професор по светска книжевност, посветен на книжевноста и културата на Месопотамија. Затоа што мошне интензивно и со еднакво внимание го прочитав Епот за Гилгамеш. Уште една средба во ресторанот што веќе не е на син ми, не е наш, ниту мојата маса е само моја.

Не го криеше задоволството дека сум го прочитал целосно и оти може со мене да ги сподели сознанијата и промислувањата за безвременоста на времето на човековата цивилизација што тој и ги поттикнува и ги потврдува.

Јас:

-Се согласувам со Вас дека смртта како лајтмотив е најнепосредно поврзана со љубовта; сосе херојствата на Гилгамеш и Енкиду. Но таа е во многу поголема мера поврзана со страдањата на Гилгамеш. Љубовта е навистина силна движечка сила на животот и навистина може да ја заврши успешно потрагата по вечниот живот. Од почетокот до крајот на епот наспоредноста помеѓу космогониските и есхатолошките митови, уривањето на светот и неговото повторно раѓање, пред сѐ како враќање на почетоците на човековата егзистенција во едновременоста на минатото и иднината во сегашноста, е само доказ на нејзината сила и моќ.

Тој:

-Се надевам дека се согласувате со мене за неслучајноста на поделбата на епот на дванаесет плочи односно пеења, колку што се месеците во годината; поврзани со дванасетте стебла со кои Гилгамеш успева да ја надмине опасноста. И за значењето на бројот седум.

Јас:

-Да, се согласувам.

Тој:

-Само да потсетам на Дрвото на животот со дванаесетте различни плодови, на Христос кој имал дванаесет апостоли, на шесте дена на создавање на светот и седмиот како свет ден, круна на создавањето, на сојузувањето на Бог и човекот. Вечен живот, динамично совршенство. По шест дена и шест ноќи оплакување на Енкиду, на седмиот тој го положува во гробот. Гавранот е не само врска помеѓу двата света, туку и помеѓу раѓањето и смртта, постоењето и бесмртноста во паметењето.

Јас:

-Прво ме вознемири шестото пеење, во кое Гилгамеш ја отфрла љубовта на Иштар, а таа му праќа небесен бик да го убие; Гилгамеш го убива бикот и го навлекува гневот на Иштар. А воопшто не ме изненади сонот на Енкиду во седмото, односно предвидувањето на смртта, разболувањето и умирањето на Енкиду. Потоа ми се наметна нужноста на смртта како спротивност на бесмртноста на љубовта. Тажењето на Гилгамеш за загубениот другар и брат во осмото и пресвртот во деветтото и десеттото пеење-потрагата на Гилгамеш по бесмртноста, напуштањето на домот, патувањата и дознавањето за Дрвото на животот се постојаности. Не го порекнувам значењето на единаесеттото пеење-раскажувањето на Утнапиштим на приказната за потопот и патот до тревката на бесмртноста. Гилгамеш ја наоѓа, но змија му го краде вечниот живот. Меѓутоа, според мене актуелноста на Епот за Гилгамеш во секое, па и во нашево време е затврдена во последното-дванаесеттото пеење посветено на верувањето на Сумерите во подземниот свет односно на животот по смртта.

Тој:

-Секогаш треба да се има предвид фабулативниот однос помеѓу Епот за Гилгамеш и Меспотоамија, градот како центар на месопотамската култура и општество, најзначајните божества на месопотамскиот Пантеон-Ану, Енил, Еа, како и женското божество што се ј авува под различни имиња-Белетил, Аруру, Мамитум, Иштар/Инана, Шумаш/Уту, Син/Нана.

Јас:

-Според мене, во Епот за Гилгамеш централно место зазема човекот, и тоа од неговото созревање, владеење и самовладеење, опстојот и досегнувањето на врвовите на животот, па сѐ до неминовното умирање. Во сегашноста и иднината него го продолжува единствено бесмртноста на љубовта. Сѐ тоа во неугаслив оган во огниште.

Познајникот-средовечниот седокос човек, Германецот го оставив поприлично збунет. Ги оставив зигуратите за расправа со него при следното среќавање.

Leave the first comment