ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Потребно време за читање: 3 минути

112.

Ме поттикнува или ме провоцира мојата Госпоѓа:

-Не зборуваш ништо за твојот војниклак и офицерството на кои си им оставил половина век. Зошто?

Се обидувам да ја убедам дека не треба да инсистира:

Веќе поткажав, кажав и не мислам дека треба уште да докажувам. Точно, повеќе од работен век поминав во војска, на некогашната Југославија, и тоа е тоа. Се борев како партизан, војниклакот и активното и резервното офицерство докрај ги истуркав чесно, доследно, достоинствено, па и доблесно. Задоволен сум од направената кариера и местото до кое стасав на хиерархиското скалило. Сум имал многу паѓања и кревања, истоштувања и возвишувања. Било што било, поминало. Друго време, за заборавање. Не е нешто посебно, единствено, исклучително…И јас како мнозина сум имал ближни што служеле во разни војски и војувале не во една, а во повеќе војни. Прадедо ми војникувал дури во три војски-турска, српска и бугарска, а еден од неговите браќа бил илинденски војвода.

Мојата Госпоѓа со смирувачки тон:

-Зошто се возбудуваш? Јас само мислам дека во повеќе од половина век сигурно има многу што заслужува незаборав. Зашто секако не било сѐ само лично доживеано и преживено.

Јас потсмирен, со повратена самоконтрола:

-Да, тоа беа сосема поинакви времиња од овие. Се живееше посмирено, позабавено, позадоволно. Да, беше едноумно време, ама идеолошки многу полабаво, понеоптоварено. Комунистичката идеологија никогаш не била, ниту е прифатлива за мене. Не велам дека ме оптоварувала, дека сум страдал поради неа како некои што ги знам. Само велам дека комунизмот кој ние го живеевме и во кој работевме не беше толку ортодоксен како во сите други земји што припаѓаа на тој блок, па и денешни. Впрочем, ние градевме самоуоправен социјализам од кој денес многу црпи, многу презема и вградува како форма и содржина модерниов капитализам. А ЈНА беше мошне силна, моќна, стабилна, жестоко дисциплинирана. Четврта воена сила на светот! Беше вистински гарант на државноста, независноста и самостојноста. Затоа првостепено се удри по неа…Ај, доста за тоа!

Мојата Госпоѓа прифати молчешкум, па отвори друг муабет:

-Има многу нејаснотии и дилеми во врска со исчезнувањето на син ти, мој Господине, а не се ни обидуваш да ми ги разјасниш, да ми ги отстраниш. Само дека решил да исчезние оти останал без своја рожба, Долно Дивјаци не му е семејно огниште, а веќе немал опстој помеѓу раѓање и умирање без најдлабок корен.

Не се изненадив:

-Те измачува истото што и мене, нели? Како тоа исчезна, веќе го нема, а јас не преземам ништо? Како тоа да не сакам повеќе да слушнам за него? Не се обидувам да го пронајдам на каков било начин…

Таа:

-Преземаш? Се обидуваш да разбереш што било, да го пронајдеш?

Ѝ откривам конечно:

-Нема зошто да преземам, да се обидувам да разберам, да го пронајдам. Знам каде е и со кого е!

Мојата Госпоѓа изненадена:

-Знаеш?!

Јас продолжувам спокојно:

-Тој сега живее во заедница на Абориџини, во Бризбејн, Квинсленд. Ми јави еден пријател Абориџин. Пред тоа три ипол месеци престојувал во Алис Спрингс, Јужна Австралија, и неколкупати го посетил подрачјето Ему Филд, во Големата пустина на Викторија, познато според британскиот нуклеарен тест „Тотем еден“ во 1953. година. Не можам да разберам зошто. Можеби ги истражувал последиците од нуклеарното зрачење врз Абориџините. Од друга страна, сосема ги разбирам честите посети, заедно со возрасните членови на заедницата, на Улуру, светото место, најголемиот каменит монолит на светот, на 450 километри од Алис Спрингс. Исто како посетите на Сините планини, подрачјето на кое Абориџините живеат едноставен и примитивен живот.

Имено, секој Абориџин смета дека бил куп камења или е од еукалиптус или од тек на река, дури од огромен океан. Тие веруваат дека нивни предци се кенгури, крокодили, коали, змии, птиците каузари, а тоа го докажуваат со нивни тотеми. На Улуру изведуваат постојани, вечни ритуали. Веруваат дека монолитот однатре е шуплив, а во неговите длабини е изворот на енергијата. На нивниот јазик „улуру“ значи „место на состанок“ односно врата помеѓу светот на луѓето и светот на духовите.

Двапати се обидов да стапам во контакт, но тој одби. Не знам зошто. Од пријателот Абориџин разбрав дека во Бризбејн отворил агенција за маркетинг и бизисот му оди добро.

Мојата Госпоѓа :

-Остануваш на ставот за индивидуалното самонегирање? Дека е неминовна последица од немање самосвесност, самопочит и лично достоинство, еднакво инфериорност и кукавичлук? И за колективното како несомнено злосторно, со злонамера, можно само насилно и предавничко?

Потврдувам:

-Се разбира. А и за смртта како индивидуално заминување без трага. Дека е најмногу зависна од создавачкото во животот. Како и за неа како колективно исчезнување; долготрајна и сотирачка, агресивна, безогледна и освојувачка.

Мојата Госпоѓа се префрлува на трета тема:

-По исчезнувањето на син ти не го ни спомнуваш нашето патување во твоето Долно Дивјаци.

Јас замолчувам.

Leave the first comment