ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Потребно време за читање: 5 минути

110.

Не знам зошто, но за првпат го запалив каминот во мојава дневна соба, овде во Сиднеј, што го соѕидав ист како огништето во семејната куќа во моето Долно Дивјаци. Ме праша мојата Госпоѓа и ѝ одговорив дека не знам. Секако не беше случајно, сѐ помалку верувам дека имало и има случајности во мојов живот, но не верувам дека конечно го запалив зашто привршува моето време со длабок корен, сосе извишено и разгранато семејно стебло. Ѝ одговорив дека исчезна син ми, ми иде да исчезнам и јас, може скоро да го сторам тоа, па со оган во ова огниште како во двете наеднаш сакам макар на симболичен начин да го одбележам мојот последен безвремен воздив.

Ми одговара мојата Госпоѓа:

-Не ти верувам. Попрво мислам дека си сигурен оти ќе ти помогне против студот во тебе.

Ми вели:

-Знаеш што уште не си ми докажал, мој Господине? Дека си по природа весел и знаеш да предизвикаш смеа со што било.

Јас:

-Сум бил, ама веќе не знам дали сум. Којзн ае, може и јас станав еден од оние што заборавиле дека смеата го олеснува и го продолжува животот. Човек не може ни ведрината на духот да ја одбрани од оваа самоуништувачка, напати налудничава живеачка.

Таа:

-Зависи од човекот.

Јас:

-Не сосема, драга моја Госпоѓо, не сосема.

Молчиме некое време загледани во огнот, па таа:

-Не сум ти рекла досега дека мене ми е особено интересно, па и забавно твоето пренесување, преселување или замислен престој во светот на древните цивилизации? Како телепортирањето со квантен компутер во научно-фантастичните романи и филмови.

Се смеам:

-Ха, ха ха! Толку сум напреден и пред времево?

Сериозен:

-Знаеш, тоа мое замислување иде од знаењето и сознавањето. Значи совладување на простор и време, едновремено докажување на континуитетот во развојот на човековата цивилизација, на народи со опстој илјадници години. Но и на долготрајноста на колективното исчезнување наспроти индивидуалното.

Не ѝ давам збор:

-Знаеш зошто ми е најлесно да се пренесам, да се преселам односно да престојувам меѓу Античките Македонци? Затоа што сум Македонец. И по род и по потекло. Ако исчезнам, секако ќе исчезнам неасимилиран. Верувам дека тоа еднакво се однесува на тебе.

Молчиме некое време загледани во огнот, па пак јас:

-Еве сме сега заедно во благородничкиот свет. Им се восхитуваме на раскошните палати на кралевите и убавите куќи на благородниците, со многу ѕидни слики, скулптури и подови украсени со прекрасни мозаици. На пример во престолнината Пела.

Еве сме сега меѓу македонските кралеви. Сите се собрани во Ајга, во одајата на Пердика Први. Имаат свои инсигнии. Носат бела лента чии краеви заврзани на тилот паѓаат на вратот. Оваа лента некои ја носат врзана околу капата кавсија. Носат порфирна облека, но некои се облечени во кожа од лав, како митскиот предок Херакле. Имаат метална дијадема, а видливи им се прстените-печати. Неизоставен е кралскиот жезол.

Мошне важни, ако не најважни за опстојот на Античките Македонци се лебот и сончевината. Легендата раскажана од Херодот докажува многу за нивното владеење со неповторливите предели на Македонија. Особено кругот на земјата во кој паѓала сончевина, а го направил Пердика со својот меч. За потоа од неа да стави во својата торба и да се зарече дека ќе направи свое кралство големо колку сонцето.

Го слушам Александар Први како им се фали на другите дека успеал да ги обедини земјите со македонските племиња Еордеја, Ботиаја, Пиерија, Мигдонија и Алмопија, околу четвртиот век пред нашата ера, и ја централизирал власта во Македонија. Третиот син на Аминта Трети, Филип Втори Македонски, не пропушта да нагласи дека во негово време, од 359-та до 336-та година пред нашата ера, Македонија е проширена на територијата на Пајонците, Тракијците и Илирите.

Секако ти е познато дека синот на Филип, Александар Трети Македонски, синот на Филип и Олимпија, кралот од 336-та до 323-та година пред нашата ера, мошне брзо ја прошири македонската власт и врз Персиското Царство, вклучувајќи го и Египет, блискиот, средниот исток и Индија.

Од Аргеадската династија на кралеви, основоположници на Македонското Кралство, со нив е, со нас е, дури е некако доминантен првиот крал на Македонија, Каран, чукун-дедото на Александар Македонски, по 17-то колено. Негово е кралството Ајга.

Ги имам на ум двете преданија за Каран-она на Јустин и со Аполоновото претсказание. Според првото, Каран собрал војска и дошол во Македонија постојано движејќи се зад стадо кози. Во дождливо и магливо време успеал незабележано да влезе во еден град, да го заземе и да го постави својот престол. Градот го нарекол Ајга. Каран ги изгонил непријателските кнезови, ги обединил племињата и го основал македонското кралство. Потоа во сите војнички походи пред единиците настапувале кози. Според второто, пак, Аполон му претскажал на Каран дека една коза ќе му го посочи местото каде да го основа градот од каде што ќе владее. Претскажувањето се остварило, а градот што го основал го нарекол според козата Ајга.

Од Антипатридска династија, која не владеела долго, во друштво ни се Антипатар и Состен.

Во друштво ни се и Антигон Први Едноокиот, генерал во војската на Александар Македонски, и неговиот син Деметриј Први Опсадникот. Антигон се борел да воспостави контрола врз целокупната територија на Македонската Империја, а завршил со пораз во Битката кај Ипс, во 301-ва година пред нашата ера. Син му преживеал и неколку години подоцна завладеал со Македонија. Бил симнат од престолот и умрел во затвор.

По долгите и исцрпувачки војни со Римјаните, во вториот век пред нашата ера, се распаѓа македонското кралство. По поразот на Персеј во битката кај Пидна, Македонија станува римска провинција.

Македонските кралеви ги избираат македонското собрание, а сите имаат свои титулари кои се состојат од нивни лични имиња, таткови имиња во генитив или патронимик, како и ознака за етничка припадност или етникон: Александар Филипов, Македонец. Титулата понекогаш е скратена и го содржи името со татковото име во генитив или името со етничката припадност: Александар Филипов или Александар Македонецот.

Си чула за простасијата, нели? Кралот пред секој потфат или на почетокот на гозбите за време на верски празници принесувал жртва во име на Македонците.

Својата магиска моќ тој ја докажува преку лов на диви животни, најчесто лавови.

Во врска со владеењето според законите во нашево време, што се воспоставува многу тешко во денешни држави што се осамостоиле по пропаѓање на претходни заеднички, интересно е кралувањето на Аргеадите не со сила, туку почитувајќи ги законите на државата, владеејќи во согласност со нив.

Знаеш и дека македонските жени од кралското семејство имале значајна улога во дипломатските, државните и воените работи. Простасијата била должност на македонската кралица во отсуство на кралот. Ја извршувала Олимпија во отуство на Александар Трети Македонски, а кога таа заминала за Епир, во Македонија била заменета од Клеопатра. Македонските кралици биле задолжени да ги слушаат и барањата на граѓаните. Ним им се укажувале почести кои биле слични на кралските. Им се изработувале статуи, се именувале градови според нивните имиња, им се укажувале свадбени и погребни почести.

Интересно за македонското собрание е што тоа се сретнува под различни имиња: Македонци, мноштво, народ, воруженици, војници и соборници. Во мирно време, македонското собрание се состои од народот, а во војна собранието е составено од војници. Членови на собранието може да бидат само оние што имаат право да носат оружје. Се свикува од кралот или од неговиот претставник, а една од неговите најважни функции е да го прогласи кралот. Тоа има и судска функција, суди за дела за кои следи смртна казна.

Молчиме некое време. Огнот во каминот-огништето е веќе стивнат, но жарта ја одржува топлината во дневната соба.

Мојата Госпоѓа:

-И? Се случи нешто додека бевме во друштвото на кралевите на Античките Македонци?

Како да потчув мала иронија во нејзиниот глас.

Јас:

-Што можело да се случи? Не е доволно оти беа сите собрани во Ајга? Од сите династии, дури и Каран? Не помисли дека поради нас…Но би можеле ние…На пример, некој силник смислил подмолен план како да нѐ обезличи, да ни го разнебити идентитетот. Па најпрво посегнал по нашето древно минато, по најдлабоки корени на нашето суштествување. Не ја пресекол најстарата, најдебелата негова жила, туку бара од нас да прифатиме дека е негова…Ова во врска со долготрајноста на колективното исчезнување наспроти индивидуалното.

Студенина навлезе во просторијата. Во огништето има уштге малку жар.

-Време е за спиење, драга моја Госпоѓо. Да си легнеме.

Станавме и молчешкум преминавме во спалната соба.

Leave the first comment