-Урнатиниве обраснати со високи треви, плевели и трње се од куќичка…твој некогашен дом? Во која си се родил, си растел, си созревал?
-Да, мој и дом на мои предци и ближни-на баба ми, дедо ми, татко ми, мајка ми, на моите три сестри и двајца браќа.
-Има од нив други живи, освен ти?
-Нема. Сите испоумреа пред јас да заминам во белиот свет.
-Во црно-белиот…Зошто дој де по толку многу години?…Конечно се враќаш, конечно најде време да дојдеш или, пак, патот те наведе случајно?…Пуста носталгија, а?
-Од сè понешто…Па да, најмногу носталгија. Влече и пече родното огниште.
-Сеедно дали е угаснато, пеплосано, студено или е уште живо.
-Сеедно.
-И што мислиш? Се мислиш што да правиш со урнатиниве под ведро небо?…Се гледа дека темелот е цврст, од големи стени, има и цели глинени од ѕидови, а среде нив стои огништето….Да не помислуваш да ја обновиш куќичката, да ја заживееш?…Да не мислиш да запалиш оган во огништево?
-Сум со таква намисла. Не се потребни многу пари и труд. Доста ќе е само една одаја, околу огништево. Се разбира, него да го направам какво што беше и да запалам оган…Засега не за мое конечно враќање, професијата и бизнисот не ми дозволуваат, ама засега…Знаеш за трендот во светот што се вика работа од дома?
-Знам…Ме радува твојата намисла…Мислам дека и јас и други соселани радо ќе ти помогнеме…Пааметиш како изгледаше огништето?
-Како да не! Сум минал денови и ноќи крај него, заедно со мои предци и ближните…Камена печка, зад неа ѕид, оџак, пирустија, котел врз неа, до неа вршник…
-Убаво… Сега една одаја, се разбира со покрив, па друга, трета…
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 24