Одгоре оддолу

Потребно време за читање: < 1 минута

Наместо плодни семиња
Да изртуваат на родна земја
Оддолу од под земја
Меѓу извори и реки
Меѓу млади и стари корења
Одгоре од над небо
Значи несетно невидливо
Некој фрла некој растура
Секакви отрови
За да се сотре сè живо
За да се сневиди сè мртво
Што создава човек за човек.

Ај оддолу дека не може
Ништо да изрти
Ај одгоре дека не се знае
Кој што фрла или растура
За сотирање и сневидување
Туку од негде како од нигде
Навалиле ветришта
Меѓу нив облачишта
Сосе нив громови молњи
Ништо совреме да заживее.

Одгоре и оддолу се сотира
Колку високо толку длабоко
Секој збор секое писмо
Изречени напишани
Од доблесни народи кои
Не престануваат да крвават
За слобода и достојание.

А од родна земја од под земја
А од небо од над небо
А од којзнае каде до кога
Може од никаде засекогаш
Молскавични и неброени
Огнови
Се задале како решени
Конечно да завладеат
Со мрачнина во тишина.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 25