Од “Така говореше Заратустра”

Потребно време за читање: 3 минути

Во своето творештво големиот филозоф на 20. век Фридрих Вилхелм Ниче обработува три главни теми: смртта на Бога, волјата за моќ и вечното трагање на истото. Нужно е да се нагласи дека тој пишува и за многу нешта дотогаш кажани: вербата во сознанието, логиката, објективноста на историската наука.

Мошне луциден исказ на еден толкувач на неговото дело: „Неговите книги се читаат лесно, но тешко се разбираат“.

Јасперс во Ничеовата филозофија гледал „тотален раскин“ со сета традиционална историска супстанца. Напишал: „Вистината ја гледаше како универзална лага, сета дотогашна филозофија ја сметаше за илузија, христијанството за триумф на слабиот и беспомошниот“.

Хајдегер го сметал за последен голем западен филозоф и го вбројува во класиците, како што се Платон, Аристотел, Декарт, Спиноза и Лајбниц, Кант, Хегел.

Фридрих Ниче во неговото можеби најзначајно дело „Така говореше Заратустра“:

„За старите и младите жеинички“

„Зошто се поткраднуваш така плашливо низ самракот, Заратустра? И што е тоа што го криеш грижливо под наметката?

Дали е тоа благо што ти го подариле? Или дете што ти се родило? Или сега и самиот се движиш по патеката на крадците, ти пријателу на злите?“

-Навистина, брате мој!- рече Заратустра.- Тоа е благо што ми го подариле: тоа е малечка вистина што ја носам.

Но е инаетлива како мало дете; и ако не ѝ ја затнам устата, прегласно вика.

Додека денеска одев сам по својот пат, во часот додека Сонцето тоне, ме сретна една стара женичка и вака ѝ се обрати на мојата душа:

„Многу ни говореше Заратустра и нам, на жените, но никогаш не ни говорел за жената”.

А јас ѝ одвратив: „За жената треба да им се говори само на мажите“.

„Зборувај ми и мене за жената”, рече таа; „доволно сум стара за тоа веднаш да го заборавам”.

И јас ѝ удоволив на старата женичка и вака ѝ реков:

Сѐ на жената е загатка, и сѐ на жената има една одгатка: таа се вика бременост.

Мажот е за жената средство: целта е секогаш дете. Но што е жената за мажот?

Две нешта сака вистинскиот маж: опасност и игра. Затоа ја сака жената, како најопасна играчка.

Мажот треба да биде одгледан за војна, а жената за одморот на воинот: сѐ друго е будалштина.

Премногу слатко овошје-за него војникот не води грижа. Затоа води грижа за жената; горчлива е и најслатката жената.

Подобро од мажите жената ги разбира децата, но мажот е подетинест од жената.

Во вистинскиот маж е скриено дете: тоа би сакало да се игра. Па ајде, жени, откријте го детето во мажот!

Играчка нека биде жената, чиста и фина, рамна на драгоцен камен, осветлена со добродетелта на еден свет кој сѐ уште не постои.

Ѕвезден зрак нека блеска во вашата љубов! Вашата надеж нека гласи „Камо да родам натчовек!“

Во нашата љубов нека биде вашата чест! Инаку, жената малку се разбира во честа. Во ова нека биде вашата чест; секогаш да сакате повеќе отколку што ве сакаат, и никогаш да не бидете втори.

Мажот нека се плаши од жената кога таа мрази: оти мажот е во дното на душата само зол, а жената е таму лоша.

Кога жената најмногу мрази? Вака му рекло железото на магнетот: „Јас те мразам најмногу оти привлекуваш, но не си доволно силен да привлечеш кон себеси“.

Среќата на мажот гласи: јас сакам. Среќата на жената гласи: тој сака.

„Погледај, токму сега светот стана совршен!“-така мисли секоја жена кога се покорува со сета своја љубов.

А жената мора да се покорува и мора да пронајде длабочина за својата површина. Површината на жената е карактерот, бурно разбранета скрама на плитка вода.

А карактерот на мажот е длабок, неговата река шумоли во подземните пештери: жената ја слути неговата сила, но не ја сфаќа.

Тогаш ми одврати старата женичка: „Многу прекрасни нешта рече Заратустра, а особено за оние што се доволно млади за тоа.

Чудно е тоа, Заратустра слабо ги познава жените, а пак е во право кога зборува за нив! Дали е тоа затоа што кај жените ништо не е невозможно?

А сега како благодарност прими една мала вистина! Та јас сум доволно стара за неа!

Свиткај ја и затни ѝ ја устата: инаку таа мала вистина прегласно ќе вика“.

„Дај ми ја, жено, својата мала вистина!“ реков. И старата женичка вака рече:

„Одиш кај жените? Не заборавај бич!“

Така говорешe Заратустра“.

Leave the first comment