Се здрвил човек од стоеж
Деноноќен непрестан
На врв на неизвесно време
Обграден со песни тажачки
На луѓе онемени од јадости.
Како да се скаменил
Како да е каменит
Како да му бил стоежот
Последен издив.
Кој го знае го знае
А на оној што не го знае
Може да му докаже погледот
Негов
Вперен во неменлива
И дамнешна и сегашна
И блиска и далечна
Стварност
Несомнено веќе недофатна
Дека некогаш не се знае баш
Од кога до кога
На луѓето онемени од јадости
Им бил предводник.
И тие што го обградиле
Со песни тажачки
Гледани сеедно одблизу
Или оддалеку
Изгледаат исти како него
-Здрвени од стоеж.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 9