Од имплементација до интеркултура

Од имплементација до интеркултура

Зборови што ги користиме, а не ги мислиме

Неретко во нашиот колоквијален говор и во меѓусебната комуникација употребуваме зборови, термини и изрази чие значење или не го познаваме или го ставаме во друг контекст. Тоа најчесто го прават оние од „врвовите“ (особено државниот), кога својата висока позиција сакаат да ја потврдат и со почеста употреба на тн. интернационални зборови и изрази. Дури и кога во македонскиот јазик постојат посоодветни, позвучни и поубави.

Имплементација како реторичка маска

Таков е, на пример, случајот со зборот имплементација. Во своите јавни настапи наши врвни политичари и експерти (со и без наводници) се „отепаа“ од имплементирање на сѐ и сешто, иако најмногу од „имплементираното“ од нив е килаво. Примена би било сосема доволно, но некако „поучено“ изгледа нешто да се имплементира отколку да се примени.

Мултикултурност како политички украс

Кога се презентира Република Македонија како „успешна приказна“ (инфантилен и суштински празен израз), кај оние од нашиот врв стана незаобиколна и нејзината мултикултурност. Се нагласува дека земјава ќе се развива како мултикултурно општество, како некаква нејзина специфика, без воопшто да се помисли дека секое мултиетничко и мултиконфесионално општество е по дефиниција мултикултурно-доколку се знае што навистина значи тој поим.

Прочитај и за ... >>  Обични луѓе

Кога мултикултурата не значи заедништво

Мултикултура значи „многукултура“-повеќе култури на ист простор, во исто време. Таа не подразбира претопување, интеграција или создавање нова култура, туку рамноправна валоризација и афирмација на одделни култури и традиции. Богатство на идентитети, а не нивно разнебитување.

Реалноста на македонската мултикултурност

Што се случува кај нас на планот на мултикултурноста сфатена во нејзината суштина? Прецизно и аргументирано-ништо. Или толку малку што повторно излегува ништо. Нема системска културна политика за меѓусебно запознавање и доближување на културите. Напротив, во подолг период е видлив процес на изолирање и мајоризација на една култура на сметка на други.

Интеркултурност како идеолошка замка

Терминот интеркултурност кај нас најчесто се користи како синоним за мултикултурност, но и како идеолошки сигнал. Оној што го употребува подобро е веднаш да го заборави, ако не сака да биде етикетиран како некој што лесно се откажува од сопствениот идентитет во име на апстрактни универзалности.

Еднаквост во различностите, не единство на различности.

Ако се мисли на универзални културни вредности, тогаш нека се каже јасно-културите и традициите во Македонија во рамките на дострелите на човековата цивилизација. Зашто еднаквоста секогаш е во различностите. Никогаш и никаде немало, нема и нема да има „единство на различности“.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.