Многу или малку филозофи во нашево време? Многу или малку филозофија? Премногу филозофисти во бизнисот и политиката? Кој како ќе земе, кој како ќе гледа и промисли.
Никако ако и изнесувањето на малку потемелно знаење и разбирање на работите, а камо ли на нешто суштинско од она што не опкружува, од она пред нас и околу нас, го третираме како филозофирање- филозофизам.
Секојдневната потреба од мудар збор, мудар совет, секојдневната потрага по мудроста- тоа е почетокот на откривање и осознавање на вистинските вредности на филозофијата и нужноста од неа.
Основно значење на поими и термини од и во врска со филозофот, филозофијата, филозофското
- филозоф- пријател на мудроста, мудрец, мудар човек; човек кој се посветил на истражување на вистината за светот и животот, кој се занимава со филозофија, кој се занимава со апстракции; фигуративно- замислен, расеан човек, чии мисли и зборови е тешко да се разберат;
- филозофем- прашање од областа на филозофијата, филозофско учење или тврдење, мислење, посматрање;
- филозофизам- надрифилозофија , празна филозофија;
- филозофија- мудрост; научна работа врз изградување на општ поглед на светот и самиот тој поглед на свет; највисок облик на општествена свест; наука за најопштите закони на движењето и развитокот на природата, општеството и човечкото мислење; основно прашање на филозофијата е прашањето на односот помеѓу мислењето и битието (субјектот и објектот), духот и материјата, како и испитувањето на причинте и принципите на стварите; фигуративно- мудрување;
- да филозофираш- да се занимаваш со филозофија; да умуваш, да мислиш и да ја истражуваш вистината за светот и животот; да се стремиш кон сознание со истражување, одредување и врзување на поими;
- филозофист- дрвен, празен филозоф, надрифилозоф;
- филозофски- кој се однесува на филозофијата, кој и припаѓа;
- филозофска пропедевтика- науки кои се сметаат како вовед и претходна подготовка за проучување на филозофијата (логика и психологија);
- филозофска школа- ученици и следбеници на некој филозоф кои, под негово посредно или непосредно влијание, продолжуваат да работат во негов дух.
Моја општонародна порака
Не сум филозоф, ама ја сакам филозофијата оти за мене вистината за светот и животот е сушност на опстојувањето со личен и колективен идентитет. Не сум филозофист, туку само одвреме- навреме поставувам некој филозофем од нашево совремие и филозофирам за него. Се разбира, по темелно запознавање со филозофската пропедевтика и имајќи ги предвид модерните филозофски школи.






