Потребно време за читање: < 1 минута

Се нашле на дно
Нечии живи светови
Еднакво сами по долго
Лунѕање низ плодородни
И каменити и сушни
Предели
Со непрестано
Струполување од врвови
Што ги искачуваа
со последни заеднички
сили.

Се забележува
Вџасеност што владее
Колку во нив
Толку меѓу нив
Од откритието дека
Сите патишта
Кои тргнуваат од дното
Водат до други дна
А ниеден до поврвнина.

Живи светови
За од дно на дно.

Не знаат колку им е
Близу или далеку смртта
Но разбираат дека
За нив веќе нема
Виделина каква што
Имаа
Додека се грижеа
Заедно
Предците и потомците
За нивното минато
Со нивна сегашност.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 49