Објава на книжевно дело

Потребно време за читање: 1 минута

Како во сè друго, во сите сфери на животот и во најинтимните делови на секидневјето, Интернет, дигитализацијата и особено вештачката интелигенција предизвикаа и предизвикуваат драматични-пресвртни промени во објавата на книжевното дело, воопшто на издаваштвото:

-трансформација на основната (единствената) дејност на издавачките претпријатија: од издавачи на тиражни изданија во библиофилски (уникатни) дела-најчеста „комбинација“ со сликарски-графички и гласовно-аниматорско-музички или, пак, специјални-уникатни формати (книга отпечатена во илјадници страници, краснописно-калиграфски, на посебна хартија, со кожени, дрвени, метални корици…); тиражните-комерцијалните изданија веќе се депласирани „покрај“ веб страници, e-books, социјални мрежи…);

-индивидуалната-авторската објава на книжевно дело е сосем „непречена“, не зависи од каква-годе претходна критичка валоризација; како објавата на делото, таа станува-стана строго индивидуална и сосем независна од времето, просторот и материјално-финансиската поддршка (чести, дури секидневни објави, и повеќе во едно деноноќие);

-релативизација на консумирањето на објавеното дело: надвладување на сомнителната тиражност, „потврдена“ со второ, трето, четврто…издание (што никако не значи и читаност), со интернетскиот број на  „посетители“, „следачи“, „споделувачи“-„шерување“, „copy paste“. (Проблемот на доминација на „шерувањето“, поточно потиснувањето, недостигот од личен став, од односот со човек, а не со податоци што се проследуваат е од друга „природа“.) Напротив, „масовноста“ на Интернет е неспоредлива со тиражноста;

-пристап и „поседување“ на објавено книжевно дело во секое време од деноноќието, во различна лична-емотивна расположба (замена за библиотека?). Од друга страна, тоа овозможува различни креативни-уметнички димензии на објавено книжевно дело. Вештачката интелигенција во таа насока (ќе) води до неслутени граници;

-личнo, како творец-мислител и книжевник претпочитам сопствен web портал/сајт (мој: https://panoptikum.mk/).

Од сè друго претпоставено, и ова е мошне значајно:

-непотребно преведување на книжевно дело! Тоа е „автоматски“ овозможено на Интернет, и тоа на голем-огромен број јазици во светот. (Наскоро на сите?!). Кога е збор за препевот на песна-поезија, веќе сум изнел личен став: тој е-треба да биде признат како оригинално-творечко дело (коавторство).       

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 104