Човек гласно размислува за свој нов почеток. Во негова близина нема никој да го чуе или со кого би можел да сподели некои мисли и ставови, па се чувствува некако послободен одошто е вообичаено. Мене не може да ме забележи бидејќи успеав незабележано да влезам во неговата сенка.
„Значи, и мој нов почеток дека досега имало друг, понов од претходен? Можеби други кои не сум ги продолжил? Најпрва причина: не бил нов или досегашни не биле успешни како почетоци.
Признавам, никогаш не сум сакал, ниту сакам нов почеток. Многу ми е поприфатливо ново продолжение. Не знам, можеби затоа што сум творец, создавам дела кои секогаш можат од мене или од некој со мене во нив да бидат продолжени како да почнуваат одново.
Дело со нов почеток би требало да е ново, штотуку почнато. Нели? А може и да не е. На пример, да не ни почнало. Ниту да почнало, ниту да постои веројатност дека ќе почне некогаш. Старо дело не постои, што значи дека нема начин како таквото да добие нов почеток.
Мене лично ми е најсложен новиот почеток на содржина без форма. Пред почеток на содржина во форма сум сосем рамнодушен, а според мене таа е небулоза. Најчесто залудно потрошена творечка или некоја друга, нетворечка енергија. Најсложениот нов почеток на содржина без форма за мене, а мислам и за секој друг творец е мошне предизвикувачки.
А нов почеток на содржина и форма во исто време? Да, тоа би можело да биде вистински нов почеток.
Морам да се обидам. Без оглед дали ќе останам на него или ќе успеам да му овозможам и ново продолжение“.
ЖИК ВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 86