Потребно време за читање: < 1 минута

Не сакаше стена грамадна
Да се струполи
На брег на каменита
Сува река
Уште со длабоко корито.

Веројатно стравуваше
Беше убедена дека ќе стане
Мост над неа
Кога скоро ќе потече
Од извор на свое време
продолжувајќи го
Своето постоење.

Стена грамадна се труполи
Не на брег
Туку меѓу два брега
На длабоко корито
И стана мост
За кој сака да ја премине
Додека е сува
Можеби од еден во друг
Свет.

Јас сè уште не сум решен
Да преминам првпат
Па да преминувам често
Затоа што нешто судбинско
Ми вели дека
Штом ќе потече реката
Од извор на свое време
И тој ќе се струполи
На нејзиното каменито дно.  

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Новота, стихозбирка, 53