Не ми е верно дека некој не знае:
-сатирата е најизострена, па и најжестока критика во чија суштина е исмејување на човек, група, држава или власт;
-ги разобличува духовито недостатоците и негативностите во општеството и државата, ги изнесува на виделина особено најдолните политички страсти, примитивизмот, простаклакот, маните и глупостите;
-сатирата е ангажирана-поттикнува на позитивна акција, придвижува, мобилизира (за аразлика од хуморот кој главно забавува, развеселува, смее, ослободува);
-таа во најголема мера ги користи комиката, карикатурата, хиперболата и глорификацијата;
-едно од најмоќните орудија и оружја на сатирата (истовремено) е алузијата.
Што се случува со македонската сатира? Изумре?
Можеби по малку е претерана, но лично сметам дека е секако многу блиска до реалноста односно точна констстацијата: таа е во „завршна фаза“ на изумирање. И на ова неминовно се надоврзува насловниот заклучок: ништо од нас без сатира.
За разлика од поодамна, од пред 30-40 години, денес активни македонски сатиричари не можат да се избројат ни со прстите од едната рака (сеедно левата или десната-сатирична алузија). Меѓу нив ја бројам и својата дребнавост (или водечка ролја?)!
Конкретно:
Пред три-четири децении не мала група хумористи, сатиричари, афористичари, карикатуристи и слични на нив, собрани најмногу во списанието „Остен“, напросто ги „дрмаа“ власта, политичките елити, општествените „структури“, воопшто сè што беше лошо, зло, зломислено, злонамерно, негативно, без исклучок сите црнила на нашето општествено-политичко, економско, културно и секакво друго живеење. Во Македонското радио-Првата и Втората програма постоеја посебни рубрики и емисии. Веројатно сè уште не е мал бројот на оние меѓу нас кои се сеќаваат на „обраќањата“ на Бошко Смаќоски наречени „Добро утро, а за денот не ви гарантирам“ (на Првата), и моите сатирично-хуморни раскази, цртички, белешки итн. со заеднички наслов „Аирлија да ни е денов“ (на Втората-тој назив или така некако), обете рубрики емитувани во работните утра-од понеделник до петок. Незаборавна, врвна беше и останува во македонската хумористично-сатирична меморија неделната емисија „Хихирику“, на ненадминливот Иван Карадак, како и саботната забавно-музичка, хумористично-сатирична контактна програма „во живо“-веќе легендарниот „Радио урнебес“ (автори и водители јас-Љ. Димитровски, Драган Б. Костиќ и неколкумина новинари-соработници).
Во последниве години како врвен сатиричар и хуморист се издвои Горан Величковски, со телевизискиот серијал „Зевзекманија“ (неделна емисија што се емитува на ТВ Канал 5). Повеќе хумористична одошто сатирична беше телевискиот проект „К-15“ кој се реализираше неколку години (веќе не).
Се „истакнувам“ себеси не како израз на нескромност, замозадоволство, препотентност, претенциозност, туку несомнено заслужено со моето големо и разновидно сатирично творештво, единствено и кај нас и во светот:
До овој комент имам создадено и објавено на Интернет 9 сатирично-хумористични дела, а тековно го создавам (и истовремено го објавувам исто така на Интернет 10-тото), со заеднички наслов „Шило и осило“:
1) Нема или-или, а ни трте-мрте
(Афоризми и други јадровизми или лично-безлични закони, прописи, правила, постулати, аксиоми, укажувања, предупредувања и принципи);
2) Скечуално
(Сатирично-хумористични скечеви);
3) Приказни за големи деца
(Сатирични и хуморни приказни раскажани од немајкаде);
4) Сатиралии
(Стилски вежби за ментално проветрување-сатирично-хуморни (при)кажувања);
5) Саде аир да виѓаваме
(Сатирична, политикантска и сатирично-хумористична страснољубовна поезија);
6) Со прстот на чело-Помеѓу нас ништо непремолчено
(Сатирични раскази и други слични писателски сочиненија);
7) Урнебесни басни
(Хумористично-сатирични оригинални и прераскажани, дораскажани, надградени басни);
8) Latentia hronicus-Однапред и одзади
(Научно-политичка играно-сериска сатиралија за читање и слушање-користени и текстови објавени во мои други сатирични дела; станува збор за аудио дело на компакт диск, а како проект од јавен интерес финансиран од поранешниот Совет за радиодифузија);
9) Дедо Громче
(Сатирични монолози);
10) Басни без наравоучение
(Сатиралии-„чисти“ авторски „модерни“ басни; дело во создавање).
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 76