Тоа што нешто ми велеше дека Ниче и Заратустра се сè уште заедно не беше ништо друго, освен мое чувствување на неразделноста, поточно на нераскинливоста на нашите мисли и дела, на ставовите за физичкото и материјалното. Не меѓу нив, туку меѓу мене и нив. Следствено, воопшто не стануваше збор за некаква случајност моето ново навраќање на генијалното дело на Ниче „Така зборуваше Заратустра“. Сега откривам дека јас, Никодим Лорандитоски, жив и мртов, кој цел живот мислел и зборувал за себе не ни обидувајќи се да им мисли и зборува на макар неколкумина, камо ли на еден што ништо не мисли и ништо не зборува, тоа дело почнав да го читам дамна, уште во раните младешки години и до ден-денес не престанувам. Секогаш е со мене, кај да сум. Секогаш ми е при рака и читам во него понешто еднакво кога ми треба нешто и кога не ми треба ништо.
Со Ниче и Заратустра јас, Никодим Лорандитоски, се среќавам негде, каде било, во кое било време, секогаш кога тие ми требаат само мене или јас им требам како ним сличен, а безначаен. Тогаш сме тројцата исти и заедно се спуштаме од нашата планина, се замешуваме во луѓе за да ги научиме на нешто учејќи дека мора да се трудат дење-ноќе за да знаат повеќе.
Во подножјето на нашата планина има едно село, мештаните го викаат Занавек. Во него, меѓу нив престојуваме најдолго зашто имаат многу сочувани тајни од кои несомнено зависи постоењето на живиот човек и неговиот нужен живот. Заратустра зборува многу повеќе од нас, а на повеќето од нив, особено од средовечните неговите ставови за моралот, верувањето и смислата на постоењето не им значат ништо. Некои од нив дури ги измејуваат неговите идеи за натчовекот, вечното враќање и смртта на Бог. Од друга страна, дабоко ги замислуваат нашите размислувања за вечните прашања за слободата, моќта, самонадминувањето и животната цел.
Денеска решивме да не се спуштиме од нашата планина. Решивме уште во ниедно доба на ведрата ноќ да им се препуштиме на сјајот на ѕвездите и белината на полната месечина. Се заградивме со стени и до рани зори расправавме за суштински прашања директно и индиректно поврзани со постоењето на човекот како живо, свесно, пред сè животворно суштество.
По којзнае кој пат тројцата се согласивме дека Бог е мртов не поради негова стварна или заумна смрт, таа во суштина е сама по себе немоќ, ниту како негација на неговата бесмртност, туку затоа што во меѓувреме, а особено денес грешниците најмногу ѝ грешат на Земјата, сосе непочитувањето на нејзината „утроба на необјаснивото“. И тоа повеќе одошто нејзината смисла. Впрочем, Заратустра и Ниче токму тоа го истакнуваат во предговорот на „Така зборуваше Заратустра“. Исто како што кога е збор за натчовекот најчесто се пренебрегнува напомената дека човекот за натчовекот треба да биде предмет на смеа или болен срам. Исто како невозвраќањето на благодарноста не се прима „зашто секогаш подарува и не сака да се сочува себеси“. Со други зборови, воопшто не станува збор за атеистичка провокација, туку за длабока промена во духовноста на Западот со исчезнувањето на верата во традиционалните вредности и авторитети. Со трети зборови, Ниче мисли на модерниот човек кој престанал да живее според вистински религиозни принципи, но и го обзела криза на смислата односно на светот без универзални морални темели и вистини. Без одговор на прашањето како да се живее ако нема апсолутна вистина, а со болното сознание дека не е можно да се гради нов свет без да се урне стариот. Ниту да не се презема одговорност за сопствениот живот и вредностите.
Јас, Никодим Лорандитоски, читајќи го одново, по којзнае кој пат „Така зборуваше Заратустра“, користејќи ги сјајот на ѕвездите и белината на полната месечина, им велам на Ниче и Заратустра:
-Јас сум поет со нескротлива творечка енергија, па како никој друг ги разбирам, значи како на никој друг воопшто не ми се потребни објаснувања за поетската филозофија, богатството на метафори, симболи и афористички, напати загадочни искази. Тоа истовремено значи дека умеам да читам и слушам меѓу редови.
Заратустра како предизвикан од мене:
-Јас сум филозофски пророк и моја инспирација е иранскиот пророк Зороастар, основачот на зороастризмот. Тоа може за никого да не биде битно, па и за мене, но барем ти знаеш дека залдуно не живеам со години во планинава сам, размислувајќи за светот и луѓето, а одвреме-навреме слегувам долу во Занавек и се замешувам во луѓето за со нив да ги споделам моите мисли и ставови. Особено за внатрешната слобода, личната одговорност и духовното надминување.
Фридрих Ниче го надополнува:
-На Заратустра му имам зададено само една обврска: да биде придвижувач на преобразбата на човекот во правец на негово ослободување од традиционалниот морал за да тргне кон повисока форма на постоење. А тоа дека неговата внатрешна борба е длабока, емотивна и често мачна, дека минува низ бројни кризи, разочарувања и внатрешни судири, тоа е само негов проблем. Мој никако не.
Заратустра како да му опонира:
-Не си требал до толку да ја нагласуваш мојата осаменост, како и мојата борба со сомнежите и личните слабости. Да ме прашаше при пишувањето на „Така зборуваше Заратустра“, ќе ти сугерирав да посветиш посебно вмнимание на животната цел на секој поединец: тој да пронајде сопствен пат до смислата на постоењето. Во тој контекст и натчовекот како внатрешен идеал-надминување на сопствените граници, слабости и илузии.
Ниче како да дообјаснува:
-Ти треба да го претставуваш натчовекот како бестрашен, кој истовремено трпи, паѓа и се менува. Животот е преполн со противречности, а извор на неговата сила е болката. Ти треба постојано да го докажуваш него како творец на вредности кој живее автентично и храбро. Тој не владее со други, туку со себеси, надминувајќи се без престан.
Се вмешувам јас, Никодим Лорандитоски:
-Следејќи го животот на мештаните на Занавек, како само по себе да ми се наметнува вашето учење, Ниче и Заратуста, за вечното враќање. Додека не го разбирав, бев убеден дека мислите на реинкарнацијата. Во која, знаете добро, јас воопшто не верувам. Некако ми бегаше од мислата условеноста, поточно двојноста на можноста од постојано одново проживување на животот со сите вредности, грешки, болки и успеси-дали би прифатил таков живот. Твојот промислен одговорот, Заратустра, е меѓу малкуте што ги прифаќам без никаков приговор, поговор, дополнение, негација: згрозувањето дека не се живее автентично и исполнето, а прифаќањето дека човекот научил да го сака животот во целост. Вечното враќање го толкуваш како најголемо искушение и најдлабока вистина, а животот е единствен и треба да се сака, да се презема и да се проживува со целосна одговорност.
Ниче поддржуван од Заратустра:
-За мене нема никакво сомнение дека таканаречениот модерен човек е последен. Го дефинирам како човек кој избегнува ризик, живее удобно и не се стреми кон ништо повисоко од сопствен мир; не го познава патењето, но ни страста; не ја бара вистината, туку само сигурноста. Симбол на духовна мрзеливост и декаденција. Напротсто предаден на смртта. Е, тој повеќе не верува ни во Бог, тој е за него мртов, а не верува ниту во натчовекот. Не верува во ништо, освен во комфорот и профитот и консумеризмот. Треба да се презира оти во него е крајот на човечката величина. Наспроти него, луѓето треба да бидат храбри, да ризикуваат, да создаваат нови вредности дури со болка и неуспех.
Јас, Никодим Лорандитоски, покажувајќи со рака кон Занавек:
-За жал, селанине во Занавек никако да ја прифатат нашата заедничка порака, упатена на нив и на целото човештво „Стани она што си“. Напротив, секој од петни жили се труди да стане и остане она што не е. Затоа јас и вие, живи и мртви, сме некогаш дури жестоко против декаденцијата на животот. Која напротив, се воздига како перспективна иднина на човечката цивилизација.
Станавме и заедно со бавен чекор тргнавме кон подножјето на нашата планина.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 29