Се почесто слушаме, читаме- се информираме за несреќи во лифтовите. Некои меѓу нас одвај спасиле жива глава, а ги има и со полесни и со потешки повреди.
Лифтовите, како и се друго- од нечистење на влезовите до паѓање на парчиња од фасади (опасност некому да му падне на глава, па…), станаа дел од „сивото“ секојдневје, неживотот во зграда. Тоа поинаку се нарекува некултура на урбаното живеење. Станарите тешко се договараат редовно да ги плаќаат заедничките трошоци за одржување. Најчесто нема договор.
Познато е, висината на цената за заеднички давачки во секоја зграда ја одредува Kуќниот совет. Тој, пак, „вообичаено“ е составен од двајца: претседател и благајник. Смешно: претседател на Куќен совет?! Во што ли е неговото „претседателување“? Наместо него, не е ли многу попотребен „стариот добар“ домар (и тоа вработен)?
Претседателот и благајникот имаат само една единствена грижа, „жив“ проблем: како да се натераат сите станари да плаќаат месечно според однапред договорено (во однос на потребите и месечните-тековните трошоци). За друго нема интерес.
И бидејќи станарите не даваат пари, кога ќе се подрасипе лифт, значи додека уште работи „некако“, никој не помислува на опасноста во периодот до неговото целосно расипување.
Нека му ја мислат „горните“ и “најгорните“.
Уште „повообичаен“ коментар на „долните“:
„Јас живеам на прв (или втор) спрат, па лифт и не користам. Кому му треба, нека плати да се поправи“.
Министерството за транспорт и врски одамна има донесено закон за недисциплинираните Kуќни совети. За контролирање на нивната работа го задолжи Државниот градежен инспекторат. Инспекторите, пак, треба да поднесат прекршочни пријави ако забележат неисправност во некоја станбена зграда. Меѓутоа, контролите се ретки, а и тогаш членовите на Куќниот совет најчесто „не се дома“.
Казните за прекршување на законот за домување се движат од 50.000 до 200.000 денари.
Очигледно, многумина од „градските селани“ се уште не научиле, ниту се обидуваат да ја (под)научат разликата на живеачаката во своја куќа и во заеднички објект односно зграда.