Човекот е нежив, а според него тоа не значи дека е мртов. Иако нежив значи токму тоа. Според човекот, нежив значи дека не е жив, но уште не е мртов. Не е исто, но е слично со човек кој постои, а всушност не постои.
Никој не го прашува, затоа што никој никогаш ни го видел ни го чул за барем да го праша што-годе, но кога би се нашол некпој да го праша би одговорил дека е нежив бидејќи не е мртов, слично со постои, а всушност не постои, откога го оставил последниот или го оставила последната, што е сосем неважно, во самост да го минува своето преостанато време. Исто како во и нему незнајна пустелија.
Последниот одговор на човекот пред самост бил на прашањето: „Жив ли си, човеку?“. Одговорил: „Нежив сум, а не сум, ниту знам до кога нема да бидам мртов“.
Откога во самост го минува своето преостанато време, исто како во и нему незнајна пустелија, забележува дека сè повеќе заборава, а сè помалку памети. Особено од делата што ги создал додека бил жив како мртов. Се прашува што значи тоа и си одговара дека најверојатно нема да престане да создава дела умирајќи, се до неговата конечна смрт.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 56