Недозволиво:
1. Се создаваат дела без престан, деноноќно и незабележливо!
2. Се обзнануваат, се обелоденуваат секакви дела без престан, деноноќно, во секакви форми и со секакви содржини и се премолчуваат!
3. Обзнаени, обелоденети дела и дела во создавање се постојано, деноноќно, на увид и согледба, а критички не се вреднуваат!
4. Ништо не се вреднува затоа што се срушени, се растурени сите системи на вредности на нашето живеење, на нашиот опстанок!
5. Никој не вреднува ништо затоа што никој од оние што се сметаат себеси за меродавни или скромно се обидуваат да вреднуваат нема ниту основно познавање, ниту докажано знаење-нема изграден вредносен критериум!
Последично:
1. Умни, зналци, умешни и опитни создаваат дела без престан, деноноќно и безнадежно-дека некогаш, сеедно дали додека се живи или по смртта, според нив ќе бидат препознавани, паметени, бележити, величани!
2. Премолчувањето на заслужни творци, дури и на оние што се признаени во светот, а непознати дома, истовремено значи омаловажување, понижување, ништожење, неживот, дури бришење на нивните дела од видокругот на современоста!
3. Не постои критика, нема критичка валоризација и ревалоризација на објавеното-обзнаеното затоа што при нејзин постојан активизам се доведува во опасност стекнатото и се одзема незаслуженото.
4. Што и како со растурени системи на вредности? Ништо и никако! Само: живуркање ден за ден и ден по ден, рамнодушност, малодушност, немоќ, бавно умирање во мочуриштето на просечноста.
5. Никој ниту сам, ниту заедно со друг или со други нема да направи ни чекор напред додека е жив, доколку секој со своето дело, со своето творештво, со својата делотворност не е на вистинско место и во вистинско време. Со почит и без лицемерие.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 93