Невола

Потребно време за читање: 3 минути

Го снајде невола. Голема или мала како за кого, а за него само невола. Не му е прва, досега го снашле повеќе, а кои не сака да ги спомне, на кои не сака да се навраќа, но оваа сака да ја сподели со некој што е со него зашто во неизмерна тага си требаат еден на друг. Зошто сака? Напросто затоа што не мисли дека го снашла само него. Напротив, сигурно снајдува и други кои  од една страна секојдневно се борат за место под сонцето или го бранат она што го имаат, а од друга долго време ги снеможува што да не можат ни да се додржат на нозе; исклучиво со мудрост, знаење и создавање вредности.

При секоја невола лично докажување? Не само тоа, туку често пред сè увереност дека единствено така се отвораат перспективи за лична и колективна пристојна живеачка.

Неволата:

Ги изгуби последните негови ближни пријатели. Не во еден ден или прекуноќ, а во некое време на самост и посветеност на сознавање на самиот себе како личност. Не чувствуваше потреба тоа да им го објаснува, ниту да бара разбирачка од нив. Едноставно, сметаше дека е доволно само да им најави дека извесно време нема да биде со нив и тие нема да можат да контактираат со него.

Не го разбраа. Повеќето од нив му се налутија. Штом тој може без нив и тие можат без него. Неговата најава е всушност прекин на врските и неминовен заборав. Нивен проблем е дали ќе го заборават, колку време ќе им треба за да се прилагодат, да научат како без него. Негов проблем, пак, е што ќе прави и како ќе продолжи без ближни и пријатели. Белки знае дека прав човек не може без нив.

Кулминација на неволата:

Во меѓувреме му починале неколкумина ближни, а тој случајно разбра доцна, дури предоцна за да ја сподели жалоста со другите ближни и пријателите. Како разбра случајно?

Едно неделно утро реши да ја посети семејната гробница на Градските гробишта, да однесе цвеќе и запали свеќа. Отиде и виде два дрвени крста: со имињата, презимињата и годините на раѓање и умирање на снаата на неговиот сè уште жив брат, со кого не се беше ни чул ни видел многу години, и внукот кој од раѓање беше неизлечиво болен.

Потона во својот најдлабок молк.

Запиша во „Жива мисла“ за неволата:

Ниедна не е голема невола додека ти е доста што ти пружа животот.

Ние најдобро знаеме дали се големи или мали нашите неволи. Не споредувајќи ги со на други.

Туѓите неволи ги поднесуваме полесно и подолго од сопствените.

Во што е разликата меѓу сопствената и туѓата невола? Единствено во засегнувањето и поднесувањето.

Надмината невола брзо се заборава.

Пред и по невола никогаш една. Секогаш повеќе.

Не е секоја  невола човечка.

Те снашла невола ненадејна.

Ниедно богатство не е без свои и туѓи неволи.

Неволата и несреќата се слични. Разликата меѓу нив најпрвин го прави времетраењето на нивната тежест.

На чија било и каква било невола никој не останува рамнодушен.

Ние не ги предизвикуваме сопствените неволи. Тие нè наоѓаат или нè снајдуваат.

Добар живот по многу неволи. Пристоен никако со нив.

Се надминува невола со мудрост и трпение.

Бори се против каква било невола. И тоа како да ти е последна.

Неволите итаат по тебе, а не си одат додека бегаш од нив.

Туѓите неволи се најчесто понесовладливи од сопствените.

Полесна е неволата што си ја предвидел или си ја претчувствувал.

Неволата се сокрива, среќата е откриена.

Човекот се докажува како човек или нечовек во невола и во последиците од неа.

Нема поголема невола од онаа што човек сам на себеси си ја навлекува.

Се случува голема невола да му дава сила на човек и да го поттикнува да истрае на својот пат.

Секоја невола по нечија вина. Најчесто по сопствена.

Неуспешен е секој обид да се надмине невола со лага.

Големата неволја е поголема кога последиците од неа ги трпат повеќе луѓе.

Те утешува туѓа неволја? Тоа е голема неволја.

Човек во невола што трае долго ја губи смислата на своето постоење.

Не е вистина дека туѓата невола ја лечи сопствената. Вистина е дека обете го ништат човекот.

Во невола повеќе непријатели одошто пријатели.

На мали неволи се навикнуваш и стануваш рамнодушен пред или во голема.

Може живот без неволи? Може во некое време од него.

Голема невола е кога кажуваш нешто, а не мислиш.

Неволите и среќата се најчесто наспоредни.

Неволата е оган кој се распламтува и го гори неговиот распалувач.

Обесхрабрува невола која трае долго.

Во невола први ти помагаат оние што ја разбираат.

Неволите ги докажува пријателите и создава нови.

Има неволи кои тивко го доведуваат човекот до очај.

Се памети и најмала помош во невола.

Колку подалеку гледаш, толку помалку неволи те снајдуваат.

Вината за сопствените неволи никогаш не ја префрлувај на друг.

Секоја надмината невола те кали за соочување со претстојна катастрофа.

Неволите предизвикуваат тага, смеа или отапување на чувствата.

Внимавај и совреме откривај ја намерата на секоја невола.

Неволата или ги зближува или уште повеќе ги оддалечува далечните пријатели.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 24